Вкупно 520.000 евра чини конференциската опрема во пленарната сала на македонскиот парламент што од утре ќе биде ставена во функција. Ова денеска го објави претседателот на македонското Собрание Талат Џафери кој наведе и тоа дека комплетно е обновена и салата.
– Таа јавна набавка е направена минатата година. Извршени се сите тестирања, сите работи функционираат како што треба и од утре се враќаме во новата сала. На пратениците им е овозможена обука за користење на опремата. Со новата опрема ќе се придонесе за заштеда на хартија, имајќи предвид дека системот овозможува сите материјали што се прикачуваат на Е-Парламент да можат да директно се пребараат во системот, информира Џафери.
Монтажата на новата опрема е спроведена во декември 2021 година, а наменската доработка и адаптација на салата во периодот од јануари до април 2022 година. Производител на опремата е германската компанија „Брелер ИЦС Конефернцтехник“, а вредноста на инвестицијата е 520.000 евра. Ваква опрема се користи во Светскиот конференциски центар во Бон, во Албанија, Швајцарија, Холандија…
Меѓу предностите на новата опрема се и целосно компјутеризираниот и дигитален принцип на функционирање, модернизација на работата и работење без хартија, прикажување на агендата на седница, кој е тековен говорник, кој е пријавен за збор, реплика, контрареплика, или процедурални забелешки, гласања по точките од дневниот ред, како и прилагодување на менито на јазикот на пратеникот.