Не чекаат натпревари со противници со кои имаме израмнет квалитет, ова ќе биде можност да видиме и ние со што располагаме. Нашата цел е да се освои првото место во септември кога ќе заврши циклусот, изјави денеска Благоја Милевски, селектор на македонската фудбалска репрезентација. Тој на прес-конференцијата зборуваше за претстојните подготовки на нашите најдобри фудбалери.
Инаку, македонската фудбалска репрезентација од денес ги започнува подготовките за претстојните четири средби во јуни во Лигата на Нации – Ц сектор, група 4, гостуваме кај Бугарија (2. јуни) и Гибралтар (6. јуни), а во Скопје доаѓаат Грузија (9. јуни) и Гибралтар (12. јуни).
-Морам да кажам дека ниту еден Гибралтар не е целосен аутсајдер, затоа што со самиот пласман во Ц групата покажаа дека се квалитетни. Против Бугарија ќе напоменам дека не интересираат само спортските моменти, сето останато ниту ќе ме интересира ниту ме интересирало. Што е до нас, ќе направиме сè што се во нашите можности да имаме позитивни резултати. Во отсуство на Стефан Ристовски, капитен ќе биде Енис Барди, рече Милевски.
Милевски рече дека не ќе може да смета на неколкумина стандардни првотимци, а шанса ќе добијат сите кои се повикани.
-Поради повреда на стопалото, капитенот Стефан Ристовски нема да биде во можност да се стави на располагање за јунските натпревари. Аријан Адеми и Адис Јаховиќ се ослободени за подготовките и натпреварите поради напорната сезона и честите повреди, додека Ердал Ракип поради свои приватни причини, исто така нема да биде дел од тимот за овој собир. Тихомир Костадинов е во процес на рехабилитација од повредата на коленото, објанси селектор.
Тој додаде дека ниту тој ниту стручниот штаб не живеат во минатото.
-Зад нас ги оставаме Италија и Португалија и ќе се обидеме најдобро што можеме да се носиме со новите предизвици. Шанса за настап и за потврда на својот потенцијал ќе добијат сите, ќе правиме ротации, а ќе бидеме задоволни ако го видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите покажувајќи ни дека можеме да сметаме на нив во иднина, затоа што за нас целта останува ЕП 2024. Базата ја имаме, ја направивме во 2015/16, сега го освежуваме тимот со млади фудбалери од репрезентацијата до 21 година. Покажавме дека можеме да бидеме конкурентни во Европа, но треба да продолжиме во таа насока, истакна селекторот Милевски на денешната средба со медиумите.