За виновни во случајот „Талир 2“ денеска се огласени поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и екс-генералниот секретар во неговата влада, Кирил Божиновски. Груевски доби 6 години затвор, а Божиновски доби две години условен затвор, односно казната ќе се изврши ако во наредниот период не изврши друго кривично дело. Судот одлучи да се консфикува палатата на партијата ВМРО-ДПМНЕ, позната како „Белиот дворец“ како и дваесеттина објекти и друг имот во сопственост на партијата.
Казните ги изрече судијката Даниела Алексовска Стојановска која еден час ја образложуваше одлуката. Таа рече дека противправно е обезбедено партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и имотот ширум Македонија.
-Обвинетите го сториле кривичното дело за кое се гонат. За обвинетиот Кирил Божиновски чија одбрана можеше овој суд да ја чуе, за разлика од Никола Груевски, не беа спорни дејствијата кои ги превземал за изградбата на партиското седиште за што имал и писмено известување. За ова обвинето лице остана спорно што смета дека сите дејствија кои ги превзела смета дека се законити. Од изведените докази произлезе нешто друго, а тоа е дека само превидно се создава слика дека Божиновски постапувал по одлуки на колективните тела, бидејќи телата постапувале по барање на Груевски. Фактот дека обвинетите Груевски и Божиновски постапувале по лични и тесно партиски интереси, а Кирил постапувал по барањата на Никола, а дека одлуките на телата биле одлуки на Груевски и формално биле донесени се согледа и од исказите на бројните сведоци, кажа судијката објаснувајќи ја пресудата.
Таа кажа дека одбраната не успеале да ја докажат својата теорија со која обвинетите ги посочуваа како невини. Таа објасни дека се докажало обвинението дека двајцата овозможиле правното лице ДГ „Бетон” АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
-Предвидено е дека политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои вршат јавни работи. Политичката партија немала законски можноста за договори со ДГ Бетон, бидејќи се спротивни на Законот за финансирање на политичките партии. ДГ Бетон не го докажа финансискиот мотив за предметните договори, кажа судијката.
Пресудата за овој предмет не е правосилна и странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата во писмена форма.