Во Соборниот храм на Вселенската патријаршија „Св. Георгиј Победоносец” во Истанбул денеска вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископот охридски г. Стефан ќе одржат прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква. Владата соопшти дека премиерот Димитар Ковачевски ќе има тет-а-тет средба со патријархот Вартоломеј.
На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви, според последните информации ќе присуствуваат и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител” и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец”.
Во состав, пак, на владината делегација, покрај премиерот Ковачевски ќе бидат и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски. Предвидено е членовите на владината делегација да бидат примени од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а покрај тоа тој ќе има и одвоена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски.
На Патријаршиска и синодална света литургија, меѓу другите, најавено е присуство и на стотици верници од земјава, кои специјално допатуваа во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар.
На заедничката литургија и претходеа вечерната богослужба во ставропигијалниот манастир „Балаклија” во Истанбул по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест” во четвртокот, по која патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, како и празничната Божествена литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј Победоносец” по повод именденот на вселенскиот патријарх во петокот, на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.
Во обраќањето кон патријархот Вартоломеј, по Божествена литургија по повод неговиот именден, архиепископот Стефан му се заблагодари за прифаќањето на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква.