На денешниот состанок во Брисел, европските лидери формално ќе го започнат долгиот пат на Украина до членство во ЕУ бидејќи се очекува да биде донесена позитивна одлука за доделување кандидатски статус на Украина по позитивната препорака од Европската комисија минатата недела, пренесуваат светските агенции.
Иако е симболичен, анализираат во своите написи, овој потег ќе помогне да се зајакне моралот на оваа земја каде што илјадници луѓе беа убиени во изминатите четири месеци, милиони се раселени и многу градови се срамнети со земја.
Украинскиот претседател Зеленски вчера изјави дека разговарал со 11 лидери на ЕУ за кандидатурата на Украина и дека ќе има повеќе повици во четврток, верувајќи дека сите 27 земји од ЕУ ќе го поддржат статусот на Украина за кандидат.
„Ние тоа го заслужуваме“, им порача тој на собраните во Амстердам преку видео врска.
„Тоа е клучен момент за нас бидејќи некои луѓе од мојот тим велат дека ова е нашата светлина на крајот од тунелот.Што се однесува до нашата армија и општество, тоа е голем мотивирачки фактор за единството и победата на украинскиот народ“, додал тој.
Според Би-Би-Си, Зеленски аплицирал за членство во ЕУ пет дена по почетокот на рускиот напад. На денот кога се слушнаа експлозиите во Киев, тој повикал на нова специјална процедура.
Доделувањето кандидатски статус на Украина за влез во ЕУ, би било историска одлука што ќе и сигнализира на Русија дека повеќе не може да бара сфера на влијание врз својот источен сосед, изјавил амбасадорот на Киев во Брисел.
Анкетата објавена оваа недела од страна на Европскиот совет за надворешни односи, покажала дека 57 отсто од Европејците ја поддржуваат кандидатурата на Украина за членство, пишуваат медиумите.
Кандидатскиот статус во ЕУ, кој може да се додели само ако постојните земји-членки се согласат едногласно, е првиот чекор кон членството. Кандидатскиот статус не обезбедува никакви безбедносни гаранции или автоматско право да се приклучи на блокот.
Полноправното членство на Украина ќе зависи од тоа дали земјата зафатена од војна може да ги исполни политичките и економските услови, а еден од главните проблеми со кои сега се соочува Украина е корупцијата и реформите на јавната администрација, стои во новинарските извештаи.