Дел од еврокомесарите се растрчани. Сакале ЕУ на денешниот самит да покаже дека сака и може да се шири. Неизвесно е само тоа, дали некој од кандидатите за влез во Унијата треба да се стесни заради ширењето на ЕУ.
И во сето тоа трчање еден од еврокомесарите – оној за проширување на Унијата Оливер Вархеји даде потврда дека бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија. Пред денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел тој во обаватана социјална мрежа Твитер објави и дека ЕУ многу сериозно ги сфатила „бугарските грижи“.
-ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Моментот за одговорни одлуки е сега. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска унија. Заедно ќе бидеме посилни, твитна Вархеји.
Не беше ништо напишано околу тоа дали ЕУ ги разбира и македонските грижи, македонските легитимно барања и очекувања кои и беа ветени токму од Брисел.
Денеска и утре во Брисел се одржува и состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој што треба, меѓу другото, да се одлучи и за евентуален почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.
Инаку, еврокомесарот Вархеји во изминатиов период даваше различни изјави околу тоа како се чувствува околу проблемот на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Така, на пример, кон крајот на април, при посетата на Софија тој кажа дека е многу разочаран заради тоа што Македонија и Албанија не може да ги започнат преговорите.
-Разочарувачки е што и по неколку години се уште дискутираме за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Сите земји членки мора да веруваат во моќта на процесот на проширување, рече тогаш Вархеји на панел-дискусијата ЕУ – Западен Балкан.
Но, подоцна разочарувањето му прераснало во фрустрација. Еврокомесарот тоа го кажа при последната посета на Софија.
–Сè уште нема решение и тоа многу нè фрустрира. Не можеме да продолжиме напред со процесот на приклучување на Северна Македонија кон ЕУ без сите држави членки да го одобрат тоа. Сè уште очекувам поддршка од една држава, конкретно Бугарија, и работиме на тоа со сите овие разговори кои што ги имав тука, како и во Скопје. Би сакале да видиме договорот да се постигне во јуни, изјави Вархеји.
Еврокомесарот сега не кажа ништо за тоа што е прифатено од македонските барања и грижи. Треба ли да се очекува изјавата на Вархеји дека по разочарувањето и фрустрацијата, сега се чувствува среќен и задоволен што бугарските барања се задоволени?