Претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери на 30 јуни ја свика седницата за неговата интерпелација, иницирана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Интерпелацијата против него доаѓа по затворањето на вратите на собраниската сала, на 25 мај, со образложение дека првиот човек на Собранието го прекршил правото на пратениците за слободно движење.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата интерпелацијата за Џафери ја поднесоа на 30 мај. Тие го го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршеше одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието. Се наведува и тоа дека се почесто има скандали во неговото работење и оти последен во низата бил скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ биле заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница.
Претседателот на Собранието Талат Џафери преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, како што наведе, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.
Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот. Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.