Преспанското езеро изминативе години доживува вистинска агонија. Нивото на водата постојано се намалува, во неа има се помалку кислород, приливот на нови води е минимален, одумира билниот и животинскиот свет… Истовремено, околу ова езеро, кое заеднички го делат Македонија, Албанија и Грција, не се преземаат никакви значителни мерки и чекори за да макар и малку се ублажи лошата состојба. Но, дали нешто сега почнува да се менува?
Деновиве, по повеќе од 12 години од потпишувањето на Договорот за заштита на Преспанскиот регион, Македонија, Грција и Албанија одржаа први состаноци на кои утврдија насоки за заедничкото одржливо управување и унапредување на Преспа. Првите два состаноци трите држави ги одржаа во информативниот центар Пили во Грција, на брегот на малото Преспанско Езеро, каде беа усвоени неколку документи: за воспоставување на Секретаријат на Комитетот за управување со „Преспа парк“ составен од членови од Македонија, Грција и Албанија, а направен е и договор за начинот на кој ќе управува Секретаријатот. Потоа, изработени се два акциски планови за тоа како ќе спроведува Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на „Преспа парк“ во периодот од 2022 до 2024 година. Односно, било дискутирано за еколошката состојба на Преспанското Езеро, но и за повлекувањето на водата при што е направен и предлог-список на приоритетни активности, меѓу кои заеднички мониторинг на Езерото, анализа на намалувањето на нивото на водата и за надминување на состојбата со Преспанското Езеро. Во рок од две недели истиот треба да биде финализиран и одобрен од страна на ово тело.
Дали и какви конкретни чекори во заштитата на Преспанското езеро ќе уследат останува да се види. И досега имало такви меѓудржавни срдби, договарања, најави за вложувања на средства и од ЕУ за да се спаси езерото, но, на крајот, ништо позначајно не се направило. Од тие први состаноци па до сега се поминати многу години. Тоа значи дека на надлежните од трите земји оваа активност не им била голем приоритет. Разликата сега е во тоа што Преспанското езеро сега е доведена до работ на катастрофата и на исчезнувањето. Односно, дека секое ново губење на години во „анализи и мониторинзи“ веќе ќе биде фатално што значи дека сега мора да уследат и конкретни активности за заштита.