Трагедија во Кавадарци: Двајца работници од Скопје загинаа при пад на кран

Две лица загинаа во несреќата што се случила утрово во Кавадарци откако се откачил кранот на чијашто монтажа работеле. Информацијата за МИА ја потврдија и од Основното јавно обвинителство во Кавадарци од каде велат дека несреќата се случила на локација каде се гради зграда. На местото на несреќата се присутни јавен обвинител, увидна екипа и трудова инспекција.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев за порталто Фактор изјави дека падот од оромна висина бил кобен.

-Несреќата се случила точно во 9.40 утринава. Работниците се од Скопје. Станува збор за млади луѓе. Неофицијално едниот е околу 30 години, другиот околу 50. Тие го монтирале кранот за да може да се изведуваат градежните активности на новата станбена зграда. При самата монтажа кранот се откачил, и за жал падот од огромна висина за нив бил кобен. Зградата што се гради е на самиот влез на Кавадарци, спроти хотелот ФЕНИ. Јас сум уште тука, увидот трае, рече Јанчев за Фактор.

Директорот на Опшатата болница-Кавадарци, д-р Диме Коцев, вели дека работниците воопшто не се донесени во болницата, бидејќи брзата помош на лице место констатирала смрт.

-За жал работниците загинале на лице место. Тоа го констатираше екипата на Брзата помош и во таков случај, воопшто не ги носат во болница. Веднаш е повикана полиција и јавен обвинител и телата ќе бидат дадени на обдукција. На градежната локација има и трудова инспекција, вели д-р Коцев.

Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.

Претходна вестНема ли загрижени во пратеничката група на СДСМ?
Следна вестПак се сетија на Преспанското езеро