Топка му го спасила животот на Иван во морето кај Халкидики

Обична, помала, топка му го спасила животот на 30-годишниот Иван помагајќи му да остане дваесетина часови на површина на морето кај Халкидики во Грција пред да го пронајдат спасителите. Ова за македонската агенција МИА го открила градоначалничката на општина Касандра Анастасиа Халкиа откако тоа и го раскажал младиот Македонец кој синоќа, заедно со еден пријател, беше одвлечен од силните морски струи на плажата Мити во туристичкото место Посиди на Халкидики.

-Искрено сум многу среќна откако дознав дека е жив по 19 часа борба во морето. До него имло една топка и таа топка била неговиот спас, вели градоначалничката која не може да ја скрие радоста што момчето беше пронајдено живо, особено по толку часови во морето. Тој е во добра здравствена состојба, дехидриран е и уморен, што е нормално, изјави Халкиа.

Таа објасни дека момчето првично бил пренесено во здравствениот дом во Касандра, а оттаму префрлен во болница во Солун, за да му се направат сите испитувања и за да се биде сигурно.

Градоначалничката од првиот момент беше на местото на настанот и’ го придружуваше до Здравствениот дом наведе дека Иван пронашол топка, веројатно од оние за одбојка или ракомет за плажа, која ветерот ја донел во морето, ја фатил и се држел за неа додека бродот не го забележал.

-Мислам дека имаше или има роденден. Господ му подари голем подарок, му даде живот. Му посакувам да е жив и здрав, а следната моја желба е да се најде и третото момче. Сите помагаме во потрагата, сите волонтери од општина Касандра се таму, рибарите, се разбира, военото воздухопловство, крајбрежната служба, сите спасувачки тимови, објаснува Халкиа за МИА.

Таа рече дека со спасувањето на Иван ѝ се вратила надежта дека може и третото момче да биде пронајдено живо.

Од друга страна, Васил Брезовски, е Македонецот кој беше однесен во морето во Посеиди на Халкидики и прв беше спасен. Во интервју за грчките медиуми ги опишува драматичните моменти до неговото спасување.

-Отидовме да пливаме со моите пријатели, на место кое тогаш беше мирно, немаше проблем, ниту високи бранови, ниту многу ветер. Но, за две минути, без да сфатиме, се се смени, опишува тој за иефимерида.гр.

Тој рече дека го загубиле вниманието на неколку минути, додека биле во плиткото.

– Но, тоа беше доволно за времето да се промени и водата да не вовлече длабоко во морето, До мене беше мојот друг пријател, третиот воопшто не го видов. Одеднаш и него го изгубив за неколку секунди, вели тој.

За негова среќа, сурфер му пришол на местото каде што бил. Тој не можел да му помогне, но му рекол да почека, да остане смирен и дека помош ќе дојде наскоро. Навистина, сурферот ја известил крајбрежната стража и им ја кажал точната локација на Васил. Останал со него се додека не стасале спасувачите и Васил не бил на безбедно.

Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнати, односно 28-годишен македонски државјанин. Вчера попладне тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот. Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата. Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот вчера беше спасен по поминати околу два часа во вода, додека пак денеска, беше пронајден и 30-годишниот.

Претходна вестТорнадо над Охридското езеро преврте чамец кај Лагадин
Следна вестИнститут за европска политика: Поддржуваме дебата без сведување на „предавници“ и „патриоти“