И не заборавајте, имаше прв, имаше втор Илинден, третиот Илинден беше 8 Септември 91та, да се избориме за уште еден нов Илинден каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации, и сили кои не влечат надоле, порача денеска Христијан Мицкоски, лидер на опозициска ВМРО-ДПМНЕ. Тој се обрати на прославата на најголемиот макеоднски празник Илинден во струшкото село Ташмаруништа.
Мицкоски потсети на значењето на првиот Илинден, на Крушевската Република, како и на успехот кој дојде четириесетина години по првиот Илинден, отелотворен во Асномска Македонија.
-Ваквата историска читанка ни вели дека Македонија и Македонците секогаш без оглед и на периодите на очигледна слабост на капацитетот на елитите да водат во дадените моменти, раѓала поединци чии дела ечеле во немиот простор на суровата реалност на беспаќата, обезнадеженоста на духот на нацијата и безволноста да се продолжи борбата. Тие поединци ја правеле разликата од останатите и биле примерот во кој народот верувал и по кој тргнувал во борба да го отсонува својот сопствен сон. Овие татковци на нацијата ја пишуваа нашата историја и го водеа нашиот народ. Делата на овие луѓе ја создаваа Македонија и затоа нејзиното постоење нема цена, и ако прашањето е на што сме подготвени да направиме за да Македонија опстои треба да знаат дека ќе ја платиме секоја цена за да го зачуваме непроценливото, а тоа е нашата Македонија, рече тој.
Мицкоски додаде дека „она што денес ни се случува со нашата Македонија е едно историско дежа ву на сите аспирации на дел од соседите кои безмалку во различни облици не прателе како проклетство низ вековите“.
-Не е проблем што тие удираат, но болката е што одвнатре Македонија е распродавана. И тука немаме ние некаков идеолошки судир, туку постои математичка пресметливост на владејачката елита која преку трговијата со најскапото ја задржува власта. Власта за мене е одговорност да се води, власта за оваа моментална елита е да ја крадат нашата Македонија. И затоа во овие пет години оваа власт е најразорната атомска катастрофа која Македонија во не само економски, туку политички контекст ја уназади децениски, правејќи штета по нашите стратешки позиции за кои ќе бидат потребни нови децении заедничка битка да се повратат. И кога тргуваа со заедничкото за нивна лична корист, го убиваа духот на Македонецот, го убиваа тој ентузијазам за новата држава кој полека прерасна во разочарувања, го убиваа сонот на тие момчиња и девојки кои ги вееја македонските сонца тој 8-ми Септември, ја убиваа секоја надеж дека можеме поинаку, секој план, секоја прогресивна размисла за потрага по колективната среќа која без исклучок завршуваше со желбата да бидеме признаени Македонци од Македонија како дел од Европското семејство на рамноправни народи. И сега кој е повеќе за Европската Унија? Ние кои треперевме за идејата да имаме своја независна и суверена држава Македонија која ќе биде дел од семејството на Европската Унија, со зачувано достоинство, име и идентитет, или овие кои сега ја водат земјата, а кои нема европска вредност која не ја погазија, поплукаа, или идентитетска вредност која не ја начнаа или истргуваа само со една цел за да продолжат со богатење на грбот на народот и неговата колективна несреќа, потенцира тој.
Тој нагласи дека не е виновна ЕУ за ова што денес и се случува на Македонија и македонскиот народ.
-Виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев итн…, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија или СДСМ. Да не дозволиме на инсталациите на власта, тие лакеи во форма на полусвет да не поделат и фрагментираат. Тие се платени со вашите пари, вашите крадени пари или пак се уценети и чекаат милост од власта. Ќе си го поставите прашањето, кој е излезот? Излезот е избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното. Тоа е единствениот пат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мискоски порача дека референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија, е добра можност оваа елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него.
-Бегството од референдум на владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ. Народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата, блокадата и чувањето на уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се факт и тоа останува. Нема промена на уставот под овие околности, по ниту една цена. Најдобриот одговор на сето ова е обединувањето. Затоа колку тие ќе се обидуваат да фрагментираат, да не поделат ние треба да се обединиме. И тоа обединување да е на една принципиелна основа каде подаваме рака кон секому на кој Македонија му е на прво место и секоја друга наша разлика е помала од оваа наша појдовна основа и мотив. Да бидеме сите како едно. Затоа одговорот на поделеноста и фрагментирањето е обединувањето, национално, политички. Обединети партии, здруженија, синдикати, поединци и организации, сите против оваа корумпирана ненародна и предавничка власт предводена од СДСМ и ДУИ. Сите против оние кои ја одземаат колективната среќа и иднина. Обединување заосновано на нашиот сон за Македонија. Да ја вратиме енергијата, да ја вратиме Македонија. Да го вратиме изгубеното и да создаваме иднина. И да можно е сето ова. Како што и илинденците не се откажаа, порача тој.