Ковачевски: Илинденците со оружје се бореле за ние денес да можеме да водиме други поинакви битки

Не постои поголем патриотизам од носењето на државнички одлуки. Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во својот говор на Мечкин Камен во Крушево по повод националниот празник Илинден.

Тој додаде дека Илинденците од АСНОМ порачаа: Каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме.

-Ние градиме современа прогресивна, економски развиена земја. Нашиот поглед е свртен кон иднината. Исто како погледот на Илинденците од 1903, 1944 и 1991 година. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре. Но пред се за посветена работа, за да развиеме, силна успешна и просперитетна европска држава, рече Ковачевски.

Тој истакна дека денеска Република Северна Македонија е пример како се градат добрососедски односи, таа е предводник на иницијативата отворен Балкан, интегрирана е во НАТО, а вратите за нас ги отвори и ЕУ.

-Визијата на револуционерите Делчев, Гули, Сандански, Карев, на Крушевската Република, за обединување еднаквост, правичност и праведност е аманет кој обврзува. Како што успеавме да се обединиме независно од етничката и верската припадност, наша заедничка должност е да треба да се обединиме и независно од политичките определби. Како илинденците и асномците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети се напредок на државата. Нема поголем државен приоритет од патот напред кој носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување за остварување на оваа државна цел, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека денес во нашата земја се твори на македонски јазик по примерот на Конески, Јаневски, Андреевски, Мисиркова-Руменова, Крле, Шопов, Николова, Урошевиќ, Стефановски, продолжувајќи го делото на Мисирков, Миладиновци, Цепенков, Прличев, кои не задолжија да го чуваме, негуваме и развиваме македонскиот јазик.

Претходна вестМицкоски: Македонија треба да го поврати изгубеното
Следна вестМожно е обновување на спомен собата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“