Македонија добива дополнителен број на полицајци. Имено, денеска на свечена церемонија во Центарот за обука на МВР во Идризово беа промовирани 590 нови полициски службеници.
-Да го одбележиме овој свечен чин како што доликува на една од најдобрите генерации во последните десетина години. Затоа сакам посебно да ви честитам – како за солидните резултати, така и за изборот на полициската професија, изборот на тежок, но благороден животен пат, истакна ресорниот министер Оливер Спасовски.
Министерот потенцираше дека успешното функционирање на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава.
-Токму затоа наш врвен приоритет беше создавањето модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе одговори на работните задачи, рече тој.
Колку борбата против криминалот ќе биде поефикасна, како и колку ќе се среди сообраќајната некултура во Македонија, сега со новото засилување во МВР – останува да се види во наредниот период.
Инаку, оваа генерација од основната обука за полицаец, започна на 5 август 2021 година, со вкупно 625 кандидати, а денес, обуката успешно ја завршуваат 590 кандидати, 487 од машки пол и 103 од женски со среден успех на генерацијата од 523 бодови од можни 600.