Кому му нема спас, на 100 македонски научници или на Пендаровски?

Научната јавност во Македонија деновиве континуирано реагира и негодува поради препораките истакнати од историчарот Драги Ѓоргиев и македонските членови на историската македонско-бугарска комисија. Вчера имаше и заедничка изјава на над 100 академици, декани и универзитетски професори кои препораките ги отфрлија со индигнација.

Како на ова ќе реагира Владата под чиј патронат и е формирана Комисијата што ги издаде препораките? Гледаат ли и слушаат ли министрите и премиерот што вели поголемиот дел од научната фела во Македонија?

-Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. „Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација, напишаа македонските научници наведувајќи и повеќе други причини поради кои препораките ги сметаат за ништовни и нерелевантни за нивната понатамошна научно истражувачка дејност.

Од друга страна, пак, претседателот Пендаровски смета дека препораките се добри, на друго место бил проблемот.

-И ако после вчерашното образложување на сите тие препораки од македонската страна на комисијата на некого не му е јасно дека станува збор за препораки, кои со ништо не задираат во македонскиот јазик и идентитет, тогаш за тие луѓе, кои и после ова не разбираат, нема спас, изјави претседателот.

Кому му нема спас – ќе одлучуваат граѓаните на Македонија. Големо искуство е натрупано од досегашните функцинерски ветувања, уверувања, гарантирања…

Сепак, сега најважно е да не се препукуваат државните функционери со научниците. Треба да се бара спас за Македонија која е турната во опасен вртлог. Тоа бара сериозно „пливање“, а не како со покровителството на Охридскиот маратон.

Претходна вестПромовирани нови 590 полицајци, ќе се засили ли борбата со криминалот, сообраќајната некултура…?
Следна вестЗагина жена во Кичево, ја прегази 20-годишник со возило