Ги слушнаа ли Ковачевски и Османи стравувањата и маките на Македонците од Албанија?

Mакедонците во Албанија се под притисок. Бугарија се обидува да врбува и купува  Македонци со цел да се пишат за Бугари на следниот попис кој ќе го организира официјална Тирана. За ова деновиве гласно опоменуваат претставниците на македонското население во соседна Албанија.

-Бугарската пропаганда е зголемена во пресрет на пописот во Албанија кој ќе се одржи во октомври, и тие со секое средство се трудат да создадат некакво бугарско малцинство кое го нема. Во областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и цело Врбник не постои бугарско малцинство. Им нудат пасоши, стипендии, посети на Бугарија. Откако Бугарија влезе во ЕУ, Албанци земаат бугарски пасоши од економски причини. Ставот наш е јасен, во Албанија нема бугарско малцинство, бидејќи во сите пописи во Албанија нема изјаснети Бугари, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ во Тирана и главен уредник на македонскиот весник „Илинден“.

Реагира и лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски, кој беше и пратеник во албанскиот парламент. Тој објаснува дека искористувајќи го членството во ЕУ, Бугарија, заканувајќи се со вето извршила притисок врз Албанија да признае непостоечко малцинство.

– Во сите извештаи што Албанија ги правеше за меѓународните организации кои ги следат правата на малцинствата, во ниту еден од овие досегашни извештаи не стои дека албанската држава изјавила дека има бугарско малцинство, посочува Стерјовски.

Тој оценува дека македонското малцинство се чувствува загрозено, а нема одговор од албанската држава за бугарската пропаганда.

Го гледа и слуша ли ова македонската влада? Како таа реагира на обидот на Бугарија да врши асимилација на македонското малцинство во Албанија? Нели премиерот Ковачевски е човек кој секогаш силно се бори за правда и слобода низ светот, што ќе направи сега? Нели министерот Бујар Османи е секогаш посветен на заштитата на правата на малцинствата, а има и одлични конекции со Тирана, ќе разговара со тамошните власти за оваа тема?

Зарем македонските министри сосе премиерот ќе се однесуваат кон Македонците во Албанија исто како со Македонците во Бугарија и Грција – ќе остават самите да си бараат чаре, а тие „мудро“ ќе молчат во име на добрососедството?

Инаку, како што посочуваат претставниците на македонските асоцијации, во соседна Албанија живеат над 120.000 Македонци.

Претходна вестУште еден „лидерски“ медал: Најмногу македонски граѓани депортирала Германија од јануари до јули
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Изворот на сите проблеми со Бугарија е владата на СДСМ