Зошто Михаел Рот мисли дека во Македонија има разочараност од ЕУ?

Македонија и особено Скопје се вообичаени дестинации на функционери од ЕУ или од земји членки на Унијата. Летово беа на одмор па ги немаше многу, но сега почнуваат со праксата – посети земја кандидат за членство, дај им две – три задачи и замини си.

Најнова слична посета во Скопје е онаа вчерашната на претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот парламент, Михаел Рот. Тој како на лента се сретна со претседателот Пендаровски, со претседателот на парламентот Џафери, со вицепремиерот Маричиќ, со опозиционерот од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски…

-Уставните измени се неопходни за Северна Македонија да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ, им објаснил Рот.

Да, вообичаено стана ваквите емисари кога доаѓаат во Скопје да и кажат на Македонија која и е новата задача.

-Се надевам дека ќе бидат создадени предусловите за промената за да може да има темпо и забрзување на овие пристапни преговори затоа што тоа е многу потребно и никој не може да очекува дека за една или две години ситуацијата ќе биде подобра. Земјата во однос на ова направи веќе многу така што всушност останува уште малку, посочи Рот, кој не така одамна беше и член на германска влада.

Да, и многуте евродипломати скоро секогаш (повеќе од цела деценија) истото го посочуваат на македонските политичари: „многу направивте – треба уште малку“.

-ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува, нагласувал на средбите Рот.

Да, и ова е реченица која често ја слушаме од гостите од Брисел, Париз, Берлин…, ама…

-Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од ЕУ, за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите земји членки на Унијата, истакнал германскиот пратеник.

Да, и ваквите ветувања дека ќе се спроведат ветувањата дадени од ЕУ кон Македонија се вообичаена содржина во официјалните соопштенија од бројните слични средби.

И кога сето ова ќе се собере, останува прашањето: зошто германскиот гостин кажа дека доаѓа во Македонија „во овие тешки времиња кога може да почувствува фрустрација и разочараност од ЕУ“?

Па, нема место за фрустрација и разочараност во Скопје, се си е вообичаено, ете, ЕУ дава нови ветувања, ете, не ја заборава Македонија, ете, не посетуваат емисарите, ете македонските политичари изразуваат задоволство од средбите, ете, уште малку па готово ќе станеме членка, ете…

Претходна вестВо Скопје казнети 230 возачи, 10 не користеле сигурносен појас
Следна вестОгревното дрво поскапе зa 20 отсто, метар кубен даб сега е 3.564 денари