Поминаа сите уставни рокот, а Собранието на Косово не успеа да избере нов претседател, поради недостиг на потребниот број гласови, што ја доведува земјата на раб на предвремени парламентарни избори. Во гласањето учествуваа само членовите на владејачкото Движење Самоопределување и претставниците на несрпските малцинства, кои во текот на денот се состанаа четири пати, но нивните 64 гласа не беа доволни за избор на претседател, за што е потребно двотретинско мнозинство од 120 пратеници.
Претседателката на Собранието и вршителка на должноста претседател Албулена Хаџиу изјави дека биле упатени повици до опозициските партии, вклучувајќи ја Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово, но тие одбиле да учествуваат на седниците. Хаџиу предупреди дека новите избори би можеле да го чинат буџетот околу десет милиони евра, нагласувајќи дека граѓаните очекуваат работа од институциите, а не политички блокади.
Премиерот Албин Курти во своето обраќање до пратениците изјави дека опозицијата не може да ја поништи волјата на гласачите, но дека се обидува да ја спречи нејзината институционална реализација преку блокади. Тој додаде дека владата понудила различни решенија за да се избегнат нови избори, но сите предлози биле одбиени.
Се очекува Хаџиу во наредните денови да распише предвремени парламентарни избори, кои според Уставот мора да се одржат во рок од 45 дена.


