Проблемот што го има ЕУ со навремено добивање на вакцини може да се реши. Оваа порака на Брисел ја испратиле од Москва објаснувајќи дека Русија може да ѝ обезбеди на Европската Унија 100 милиони дози на „спутник V“, за вакцинирање на 50 милиони жители на Унијата.
-Рускиот инвестициски фонд, кој стои зад производството и дистрибуцијата на руската вакцина „спутник V“, објави дека може да обезбеди 100 милиони дози од таа вакцина на ЕУ во текот на следниот квартал од оваа година, е наведено на официјалниот твитер-профил на „спутник V“.
За потсетување ова е првата регистрирана вакцина против корона вирус во светот, а таа постапка е завршена во август 2020 година. Компанијата што ја произведува, како и руските регулаторни тела, изјавија дека има заштита до 90 проценти.
Бидејќи ЕУ е во голема неволја кога станува збор за планираната имунизација на жителите поради неиспорачување на порачаните вакцини од компанијата „Астразенека“, поради што Брисел и раководството на таа фармацевтска компанија се во војна со денови, ЕУ сега може да најде спас во Русија.