Со нови ДУП-ови на Кале се предвидува повеќе зеленило и помала катност

Зголемување на површините со јавно зеленило и намалување на досегашната предвидена катност на објектите предвисуваат новите Детални урбанистички планови за скопско Кале и просторите околу него. Ова беше кажано на денешната презентација на два ДУП-а што се одржа во Музејот на современа уметност. Беа презентирани ДУП ЦС 01-Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2, како и ДУП ЦС 14-Кале и СРЦ Кале.

-Во новите ДУП-ови на Кале, ЦС 01 и ЦС 14, намалена катност на објектите и зеленило на површина од околу 30.000 м2. Наместо хотелски комплекс со 6 ката и поткровје, катноста е намалена на 3 ката и добиено е зеленило на површина од 3.074 м2. На местото на објект за спорт и рекреација, во новите планови предвидено е парковско зеленило на површина од 15.980 м2. Во плановите избришана е планираната катна гаража на 8 нивоа и на нејзино место предвиден е јавен паркинг со 7.860 м2 зеленило. За децата кои живеат во околината на тврдината Кале предвидовме и изградба на прва детска градинка во овој дел на Општина Центар, со што ќе решиме уште еден долгогодишен проблем, информира градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На презентацијата беша кажано дека сите куќи кои се наоаѓаат кај скопската тврдина Кале и Музејот на современа уметност (МСУ) треба да се урнат, а просторот ќе биде парковско зеленило. На овој простор кој е заштитено подрачје има бараки кои се направени за време на земјотресот а последниве децении се направени и бројни дивоградби.

Во моментов на територијата на градските четврти ЦС 01 и ЦС 14 има вкупно 7 важечки детални урбанистички планови за поединечни блокови, донесени во 1993, 2002, 2004, 2009, 2010 и 2 во 2012 година. Некои од нив ги има само во хартиена форма, а територијата на Калето и Музејот на современата уметност досега воопшто не била третирана со детален урбанистички план. Со завршувањето на постапките за овие 2 градски четврти, ќе се добијат 2 детални урбанистички плана, кои се дигитални и меѓусебно интегрирани.

Од 20-ти јули до 16-ти септември, предлог-деталните урбанистички планови за Градска четврт-ЦС 01 Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2 и Градска четврт-ЦС 14 Кале и СРЦ Кале се изложени на јавна анкета во читалната „Славко Јаневски“ и до завршувањето на тој рок, граѓаните може да поднесуваат анкетни листови. Поради тоа што е период на летни одмори, јавните анкети траат 41 работен ден, наместо законскиот минимум од 10 работни дена.

Претходна вестЗошто дизелот е толку поскап од бензинот?
Следна вестЗапочна изградбата на новиот потпорен ѕид на булеварот „Борис Трајковски“