На доградените покриви не им доаѓа умот, пак паѓаа кога силно дуваше во Скопје

Малку посилен ветар да дувне низ Скопје и почнуваат да летаат кровови. Метални, лимени, дрвени.. треснуваат околу зградите, кужќите на кои биле доставани, приставани…

Е кога ќе се извлече поука дека крововите треба да се многу поцврсти? Зарем се очекува на доградените покриви да им дојде умот и сами да се оправаат?

Вчера беа пријавени 20 оштетени кровни конструкции. Да, невремето беше силно, но колку се силни надградените конструкции?

Зграда на улицата „Михаил Чаков“ во Кисела Вода вчера беше само една оние каде летна доградениот лимен покрив. Големите парчиња лимови, греди и штици, за среќа паднаа од страната на тревникот каде не се паркирани автомобилите и каде не поминуваат граѓаните.

-Уште кога се преговараше за доградбата на нашиот покрив бев против знаејќи што може да се случи. Но, другите се согласија и се направи доградбата на покривот. Колку таа е квалитетна видовме вчера. За среќа, никој не загина. Ваквите доградби не смее да се дозволуваат веќе никаде по градот, ни рече еден од станарите во зградата на улицата „Михаил Чаков“.

Изградбата на ваквите дограби најчесто во Скопје оди со преговори меѓу куќните совети и инвеститори или група градежни мајстори. Обично, изграденото речиси не подлежи на никаква градежна контрола за квалитетот на градбата. Надлежните градежни инспекции не е познато дека вршат темелна контрола на ваквите „градби“.

До кога ќе биде така? До кога и самите станари нема да се посериозни во своите замисли за доградби, надградби?

Нема можности да му се забрани на ветерот да сува силно, но има можности да се забранат имровизирани кровни конструкции.

Претходна вестНегативен природен прираст: Во второто тримесечје се родиле 4.379 бебиња а умреле 4.760 лица
Следна вест„Паркови и зеленило“: Невремето собори 119 дрвја