Што презема државата за да го обезбеди опстанокот на нацијата?

Колумна на Габриела Арсова:

Длабоко сум убедена дека ако најитно не се преземат посериозни мерки во контекст на фокусирање на политиките кон внатре, кон државата, кон потребите и проблемите на народот или граѓаните – кој како милува да каже, црно ни се пишува. Не дека сега мед и млеко ни тече, но она што се чувствува во воздухот, она што медиумите ни го пласираат како информација никого не би требало да го остават рамнодушен. Неспорен  е фактот дека светот се соочува со сериозни проблеми, неизвесност, несигурност. Но, уште понеспорно е и дека и ние веќе не знаеме на кој свет сме, ниту знаеме што треба да правиме, ниту за што и како да се спремаме. Како сите политики да се насочени кон надвор, кон далечни, минати и идни можни збиднувања.  А погледот кон внатре, кон сегашноста, кон самоуништувањето?!?

Дури упорно се форсираат теми кои во моментов, во оваа реалност и немаат некое особено значење во духот на она што било пред 100 години, кој е прав, а кој крив, кој ни го руши идентитетот  и до кај сме со Европа, за жал од онака срамежливо споменатите анкети разбираме дека само 55% од населението би ја бранело државата ако затреба. Од овој аспект на темата родољубие сме на дното во регионот. Притоа веројатно и добар процент од родољубите се доволно возрасни што баш и не знам како би можеле да ја бранат… Ама што е тоа важно, нели, ке речат политичарите. Ние си го имаме НАТО да не брани. Веројатно е така, но нели е загрижувачки фактот дека половина од населението нема однос кон својата татковина? Да не речам не си ја сака татковината!? Чинам ова е далеку позагрижувачко од спокојот дека имаме кој однадвор би не бранел. Позагрижувачко од тоа да прокламираш и да се фокусираш на минатото, демек во името на светлата иднина, а да не се сообразуваш и да не ја согледуваш болната сегашност не знам што би било…

Дури во таа болна сегашност се занимаваме со „скриените намери“  во бесплатното школување што им се нуди на нашите деца во соседството, како да не се ни видело, ни чуло дека и други држави нудат и бесплатно школување и ефтини имоти, вклучително и државјанства. Зошто? Веројатно за да си обезбедат опстанок. Додека ние упорно си дебатираме кој ке ни го смени идентитетот, а не не мачи и асимилирањето во други држави резултатот на крајот на денот е ист. Луѓето незапирливо си заминуваат. Заплашувачки е и процентот на млади луге кои би ја напуштиле државата ако имаат можност. И да. Овие млади луѓе сигурно не се во оние 55% заинтересирани за државата. Правиме ли некакви активности да ги задржиме? Некакви мерки за опстанок на нацијата?

И логично се поставува прашањето: дали оние што не водат навистина сметаат дека приоритет се прашањата со кои не занимааат или едноставно во апсолутната безидејност како да се обезбеди опстанокот на нацијата внатре во државата се прави дефокусирање од оваа тажна реалност. Актуелна темата  деновиве е екоцидот … а што со геноцидот?

 

 

Претходна вест22-годишник загина од струен удар
Следна вестЗа да стане појасно: Комисистите треба да имаат јавна дебата со релевантните историчари