За да стане појасно: Комисистите треба да имаат јавна дебата со релевантните историчари

Иако тоа што поминаа повеќе од две недели од препораките истакнати од историчарот Драги Ѓоргиев и останатите македонски членови на историската македонско-бугарска комисија – незадоволството во јавноста не стивнува. Мнозинството од граѓаните на Македонија на социјалните мрежи укажува дека препораките не се неприфатливи бидејќи и служат на дневната политика и на разнебитување на македонството.

Реагираат и многу научници, јавни личности, професори… Завчера регираше и митрополитот Агатангел:

– Изгледа на Балканот, само на македонскиот народ му е забрането да се занимава со својата историја, а историјата знае и да казнува, ако навреме не се научат нејзините лекции. Ова последново особено важи за членовите на Комисијата за историски и образовни прашања, кои без никаков срам и задршка одлучија да чекорат на линија на помал отпор и да ја погазат сета македонска наука, да се поништат себеси, своите најблиски, својот народ и на крајот дури и своите научни трудови и своето лично достоинство. Ако сето ова го направиле заради некаква лична корист и придобивка, вечно нека си го носат срамот, кој неминовно ќе биде составен дел од колективното сеќавање кога во иднина ќе бидат спомнувани нивните имиња. Господа, парите се отепувачка!, напиша митрополитот во колумна.

Ги гледаат ли сите тие реакции комисистите? Да, имаше нивно соопштение во кое ги образложија своите ставови. Но зошто нема јавни дебати околу спорните потези кои се направени, особено што политиката пред комисистите поставува уште задачи кои требало да ги „решат“?

Силно одекна незадоволството искажано од 150 македонски академици, декани и универзитетски професори. Тие препораките на комисистите ги отфрлија со индигнација. Како ретко кога до сега на децидна изјава-реакција се потпишаа преку 10 членови на МАНУ.

Комисистите предводени од штотуку прогласениот академик Драги Ѓоргиев одговорија со соопштение:

-Отфрлањето на препораките, па дури и со индигнација е сечие право и овие препораки нема да бидат задолжителни за секого. Ние веруваме дека науката и историјата треба да бидат во функција на мирот и помирувањето и не мислиме дека државите треба да им кажуваат на научниците како да го толкуваат минатото. Препораките се само презентирање на основни историски податоци за личности кои Македонија и Бугарија би можеле заеднички да ги чествуваат со цел да се подобрат билатералните односи или да ги подобрат своите учебници по историја, напишаа македонските членови од Комисијата.

Но и по тоа научници, професори… реагираат. Поголемиот дел од релевантните универзитетски професори по историја во Македонија негодуваат на работењето на комисистите и газењето на македонската наукаЗарем не е пожено сите тие да се сретнат и дебатираат?

-Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. „Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација, напишаа македонските научници наведувајќи и повеќе други причини поради кои препораките ги сметаат за ништовни и нерелевантни за нивната понатамошна научно истражувачка дејност.

Зарем ова не е доволна причина комисистот Ѓоргиев кој е вработен во Институтот за национална историја да организира дебата или работен состанок (или како сака нека го нарече) со своите колеги од соседните канцеларии и научно да расправаат околу средновековната македонска историја. Таму има експерти за тој период од историјата.

Зарем тој смета дека и по ваквите жестоки реакции на научната јавност треба само да одговори со две соопштенија? Зарем за Ѓоргиев е посоодветно да состанчи и расправа за историјата со бугарските историчари, ама не и со своите колеги во Македонија?
Претходна вестШто презема државата за да го обезбеди опстанокот на нацијата?
Следна вестОбид за атентат на потпретседателката на Аргентина