Веднаш да почне пресметка со криминалот, средување на здравството, наменско трошење на парите…

Граѓаните на Македонија на неодамнешните претседателски и парламентарни избори си го кажаа своето. Кажаа кој треба да раководи со земјата во наредниот период, но кажаа (и се уште кажуваат) и што очекуваат од новоизбраните функционери. Дадоа мандат да ги решаваат натрупаните проблеми согласно на дадените изборни ветувања. А, проблемите се бројни, практично, нема сфера во општеството за која може да се каже дека состојбата е добра и дека не бара многу работа, посветеност и промени.

Почнувајќи од животниот стандард, па преку здравството, образованието, социјалната заштита, земјоделството, правдата… се се тоа сфери во општеството кои беа руинирани минативе години. Едноставно, новата влада за чие формирање сега се преговара ќе има многу приоритети. За што би требало веднаш да се зафати да го сработува?

Мислење од граѓаните побара „Скопско Ехо“, соговорниците беа едногласни дека Влада веднаш треба да ги решава приоритети како што се расчистувањето со криминалот и корупцијата, како и да ги исполнуваат своите изборни ветувања. Всушност, тоа е дамнешен приоритет кој претходните власти го игнорираа.

-Треба да го исполнат тоа што го ветија, ние верувавме во нив. И да ги затворат крадците и, најважното, да ги вратат украдените пари, ни вели Ронче Куцуловска.

Прекин на спрегата извршна – судска власт

Се виде и во ланскиот Извештај на ЕУ за Македонија во кој се кажа дека во земјава нема напредок во судството и борбата против коорупцијата, а и други укажуваа дека „корупцијата е епидемијска во државава“. А на тоа само се надоврзуваа скандали во Судскиот совет, изборот на државен јавен обвинител кој отворено се дружи со партиски функционери на ДУИ, непотизам во Академија за судии и обвинители… Се редеа и аферите кои ги објавуваше тогашната опозиција како „Диво месо“ за продажба на лекови од Клиника за онкологија, „Тајни имоти“ за 123 државни функционери кои криеле имот од 30 мииони евра, „Броило“ за бизнисот со фотоволтаици во функционерски фамилии, афера „Мафија“ во која според тврдењата нашето МВР издавало важечки пасоши на бројни криминалци…, а кои треба да се расчистат и да добијат свој судски расплет. Само така граѓаните пак ќе можат да се почувствуваат сигурни и безбедни и да се убедат во тоа дека промените на подобро започнале и дека правдата ќе ги стигне сите оние кои прават криминал. Во спротивно криминалот ќе биде уште поприсутен.

-Постулатите врз кои треба да лежи владеењето на новата влада според мене треба да се фокусира на здравство и животен стандард. 30 години политичарите се кријат позади борбата против корупцијата, средување на судство, право и правдина. Ништо од ова не е возможно доколку не се подигне животниот стандард на граѓаните… Со целосен ветинг на судиите нема да постигнеме многу. Треба да се прекине спрегата извршна – судска власт. Извршната власт треба да ги тргне канџите од судската, но да состави систем на самоконтрола и одговорност. Евроинтеграциите ќе ни направат повеќе штета отколку добро доколку не се подигне животниот стандард. Со влез во ЕУ граѓаните масовно ќе се отселат во држави со висок животен стандард, ни вели Филип Бошков.

Затоа граѓаните го споменуваат како приоритет економскиот раст на Македонија. Се ветуваа стапки на раст од 4-5 проценти, но на крајот одвај се стасуваше и со 2 отсто, платитие чиј просек одвај стасува околу 39.000 денари, но која не ја прима мнозинство од работниците, постојано ја губат битката со износот од синдикалната кошничка, а во ситуација кога функционерските плати се зголемија за цели 78 проценти и отидоа на неколку илјади евра.

Земјоделецот Сашко Спировски ни вели дека приоритет мора да биде економијата, земјоделието, енергетиката.

-Очекувам да има постојан тендер за давање на државно земјиште, а не еднаш на три години, да се прават мали хидроакумулации каде е можно, да се прават „Чебрен и Галиште“ за да граѓаните имаат поевтина електрична енергија. Треба и да се чисти јавниот отпад, да се прекинат договори со риболовни концесионери кои не придонесуваат ништо туку само профитираат, предлага Спировски.

Тешката пандемија со корона вирусот, пак, само дополнително покажа во каква опадната и болната состојба ни е здравството во кое стана вообичаена неможноста да се дојде на ред за преглед, за добивање терапија, да нема соодветни лекови, да има лоши услови за работа, без соодветни апарати, со се помалку доктори и медицински сестри. Новиот Клинички центар само се ветува, а никако да почне да се прави, не се завршуваат ниту клиничките болници во Штип и во Кичево…

-Здравството ни е очајно, не знаеш што да правиш доколку се разболиш. Чекаш на термини за прегледи, чекаш долго за снимање, за читање на снимките. Ако немаш некој свој по клиниките, тешко тебе. Ова мора најитно да се среди, вели Петар С. од Скопје.

Премногу институции и директори

Од новата Влада се бара и меѓународно етаблирање на земјава во светот, тргнување на патот кон ЕУ кое сега стои во место. Се бара и поголемо достоинство при сето тоа. Во изминативе години мнозинство од граѓаните без незадоволни од преголемите попуштања и газења врз идентитетот кои беа направени во име на „светлата иднина“.

– Новата Влада треба да не ги повторува грешките од минатото и да биде првата Влада која конечно ќе направи нешто добро за државата. Да продолжи во насока која гледам дека започнува, а тоа е заштита на националните интереси. Потребна е и смена на 90 проценти од челните луѓе на институциите за да почне рехабилитирање на нашиот систем, смета Трајче Китановски.

-Прво треба да се покаже поголемо достоинство пред странски притисоци. Но, за мене треба и веднаш да се намали бројот на министерства и на некои државни институции. Премногу ги има, може некои да се фузираат, а некои просто да исчезнат и така многу да се заштеди, ни вели Панче Ј.

Во приоритетите граѓаните ја вбројуваат и поревносната контрола каде се трошат народните пари. Да не се случи да нема детален отчет како се употребени 4-5 милијарди евра колку што, просечно, изнесува едногодишниот државен буџет. Воедно се бара, да не се троши на луксузни службени возила, а да нема градење на нови потребни објекти.

-Очекувам транспарентност кон граѓанството во финансиите. Сите трошоци, сите кредити и тн. и да се објават, да бидат лесно достапни за граѓаните. Најважно, да не заборават дека се од народот за народот, а не од народот за олигарсите и тесно поврзаните 10 фамилии во државата кои ја носат целата моќ. Народот е тој што казнува, нешто што претходната влада го заборави, вели Филип Бошков.

Дел од граѓаните, пак, и на социјалните мрежи упатуваа пораки до изборните победници дека сега е време кога новата влада треба да го почитува мислењето и ставовите на мнозинството од народот. Тоа е нешто што во изминативе години не се случуваше често. Се игнорираше референдумот со кој граѓаните не го прифатија Преспанскиот договор со Грција и промена на името на државата, се игнорираше нивното противење на „францускиот предлог“… Сега бара за важни прашања да се распишува референдуми.

Дали сите овие набројани приоритети од страна на граѓаните ќе бидат и најважното за што ќе се зафатат новите министри ќе се види за кратко време.

7 приоритети за новата власт:

-Расчистување на криминалот, превенција од идна корупција

-Брзо заздравување на здравствениот систем

-Подобрување на животниот стандард и економијата

-Достоинствена дипломатија и одење на патот кон ЕУ

-Наменско трошење на парите од Буџетот

-Да се уважува мислењето на граѓаните

-Намалување на бројот на министерства и институции

Претходна вестТринаесет лица се повредени во судирот на возови во Белград
Следна вестАлкалоид го победи Вардар 1961, ќе се бори за трофејот во Купот против Е. Пелистер