Најмалку три лица загинаа, а 11 се повредени во судир на патнички и товарен воз, околу 21 часот синоќа, во централниот дел на Хрватска. Трагедијата се случила во близина на градот Новска – близу до границата со Босна и Херцеговина.
На местото на трагедијата се пронајдени тела на три лица, но надлежните стравуваат дека бројот ќе биде многу поголем. Повредените се хоспитализирани, бидејќи некои од нив се со тешки повреди, но никој не е во животна опасност. Како што дознава Индекс, патничкиот воз се движел со брзина од 100 км/ч кога налетал на воз во дефект. Возот, наводно, поминал на црвено светло пред да удри во запрен товарен воз со полна брзина.
Според дел од надлежните експерти за железнички транспорт кои се наоѓаат на местото, патничкиот воз не застанал на сигналот за стоп, а зошто – допрва се очекува истрагата да покаже.