РСБСП: Секој велосипед повеќе значи моторно возило помалку

Возењето велосипед е здрава навика која позитивно влијае на здравјето на луѓето, ја заштитува околината и ја намалува емисијата на гасови, порача денеска Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Апелот се испраќа во рамките на „Европска недела на мобилност“ која веќе 20 години ја спроведува Европската комисија во третата седмица од септември секоја година.

-Целта на оваа кампања е формирање на здрави животни навики, чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативни форми на мобилност затоа што возењето велосипед е здрава навика која позитивно влијае на здравјето на луѓето, ја заштитува околината и ја намалува емисијата на гасови. Секојдневно користење на велосипед е неспоредливо поевтин начин на урбана мобилност од кое било друго превозно средство со бесплатно место за паркирање, велосипедот претставува доминантно превозно средство на кратко растојание до 5 километри во урбана средина од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување до целта, а секој велосипед повеќе значи моторно возило помалку, што значи и намалување на сообраќајниот метеж и побезбеден сообраќај, се наведува во апелот на РСБСП.

Се укажува и на тоа дека велосипедскиот сообраќај е еколошки најодржлива форма на сообраќај, троши малку енергија, не бара многу простор за движење и за паркирање, е најевтин начин на урбана мобилност и придонесува за унапредување на здравјето.

-Освен пешачењето, велосипедот е средство за транспорт со кое може директно да се пристапи до целта на патувањето, има мала потрошувачка на енергија, не загадува, придонесува за одржување на здравјето на луѓето, овозможува заштеда на простор (велосипедот бара релативно малку простор за движење и мирување). Велосипедот е рамноправно превозно средство во сообраќајот на патиштата. Велосипедистите треба да се движат по означени велосипедски патеки, а каде што нема такви треба да се движат од десната страна, покрај работ, на коловозот, потенцира РСБСП.

 

Претходна вестМалолетник од Битола крадел по Скопје
Следна вестМНР ќе му даде и асистенти на комисистот Драги Ѓоргиев: Кого тој ќе го одбере и кој тоа ќе го плати?