Неотповикливи оставки денеска поднесоа директори на уште три градски јавни претпријатија во Скопје – „Улици и патишта“, на ЈСП „Турс“ и „Лајка“. Како главна причина за овој потег тие го наведуваат неможноста за соработка со градоначалничката Данела Арсовска.
Во објавата на Фејсбук директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов наведе дека градоначалничката Данела Арсовска нема разбирање за реализација на проекти.
– Давам неотповиклива оставка на местото в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“. Оваа моја одлука ја донесов како резултат на неадекватната комуникација со Градоначалничката на Градот Скопје Данела Арсовска, како основач на Претпријатието, како и немањето на разбирање при реализација на клучните проекти од интерес на Градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал, напиша во обавата Настов.
Директорот на ЈСП „Турс“ Василевски во оставката напиша дека е разочаран со однесувањето на Арсовска.
-Разочарувачки е што си посветена на кавги и пресметки, наместо работа. За период од 6 месеци, успеавме неколкукратно да ги зголемиме приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедиме линеарно зголемување на платите за сите вработени. Но, тоа не е доволно кога ЈСП „Турс“ ја нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со генералниот директор Александар Стојковски, напиша тој.
Од функцијата реши да замине и в.д. директор на Јавното претпријатие „Лајка“ – Скопје, Воислав Димитровски. И тој наведе дека причината е „недостаток на поддршка од страна на Град Скопје“.
-Поради недостатокот на поддршка од страна на Град Скопје, ЈП Лајка има континуирано блокирани сметки, каснење во исплатувањето на платите, вклучително и во конкретниот месец немаме исплатено плата на вработените поради непрефрлени средства од Градот кон ЈП Лајка за извршени услуги, напиша Димитровски.
Ова се нови оставки по конфронтацијата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ која има најмногу советнички места во Советот на Град Скопје околу тендерот од 136 милиони евра за изградба на прочистителна станица. Досега, оставки поднесоа повеќе директори на градски претпријатија именувани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ – на „Градски паркинг“, на „Дрисла“ и „Водовод и канализација“.
Инаку, градоначалничката вчера посочи дека според неа позади сетата оваа новонастаната ситуација стои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.