Противзаконско објавување на домашна адреса на Димитар Апасиев од страна на Талат Џафери е причина за поднесување на пријава од страна на лидерот на „Левица“ против парламентарниот спикер во Македонија. Ова опозициска партија денеска соопшти дека Апасиев до Агенцијата за заштита на лични податоци поднел Барање за утврдување повреда на правото на заштита на лични податоци.
Во Барањето се наведува дека Џафери се терети дека, на ден 12 октомври 2022, преку неговиот Кабинет, до група новинари и медиумски редакции испратил принт-скрин од потпишано Известување по претходно поднесената граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум, каде што Апасиев, како физичко лице, фигурира како првопотпишан граѓанин, со правен статус на „овластен предлагач”.
-Како фото-прилог кон Известувањето, без никакво претходно одобрение или дозвола, тој ја проциркулирал и јавно ја објавил приватна домашна адреса на живеење на подносителот, од неговата лична карта, кој импринт потоа – без никаква анонимизација или затемнување – беше објавен во етерот од скоро сите пишани и електронски медиуми во државава (радија, телевизии, веб-портали, весници и др.). Со ова противзаконито и самоволно дејствие, пријавениот сторил намерна повреда и злоупотреба на законски заштитените лични податоци на подносителот, со што ја загрозил неговата безбедност, како и безбедноста на неговото семејство, реагираат од „Левица“.
Со ова се продолжува серијата на пријави кои Апасиев ги поднесува против Талат Џафери. Минатиот месец, на 16-ти септември, Апасиев преку „Левица“ до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против Џафери со која го товари дека намерно и со умисла, сторил тешко кривично дело против изборниот систем – „Спречување на избори и гласање”, за кое е запретена затворска казна во траење од најмалку три години. Станува збор за случајот со отфрлањето на референдумската иницијатива поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, за која тој, како што се нагласува Апасиев, немал право да дава мериторни оценки.
Во јули, пак, Левица и ВМРО-ДПМНЕ заеднички поднесоа интерпелација за работата на Талат Џафери која потоа не беше профатена во македонскиот парламент.
Во април, пак, од страна на Апасиев се поднесени две кривични пријави против Џафери. Првата беше поднесена на 13-ти април бидејќи Џафери „своеволно, систематски и спротивно на Уставот, свесно ја кочел и ја оневозможувал парламентарната контрола над извршната власт, со несвикување седници за пратенички прашања во континуитет, повеќе од една година“. Со тоа, според Апасиев, парламентарниот спикер се товари дека извршил стек на кривичните дела „Саботажа“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ бидејќи умислено не ги свикувал задолжителните пленарни седници за пратенички прашања, кои мора да се одржуваат секој последен четврток во месецот!
Недела дена потоа, Левица и Апасиев напишаа нова кривична пријава против Талат Џафери. Причина е доаѓањето на двајца пратеници заразени со Ковид-19, во скафандери, да гласаат во Собранието. Пријавата до ОЈО Скопје е поднесена против пратениците Бисера Костадинова-Стојчевска од Битола и Мирослав Богдановски од Скопје, како и против претседателот на Собранието – Талат Џафери.
-Тројцата се теретат дека, со умисла и по претходна меѓусебна координација, сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ (казниво по чл. 206 од Кривичниот законик), како и обид за „Пренесување на заразна болест“ (чл. 205 од КЗ) врз останатите пратеници, со елементи на тешки дела против здравјето на луѓето, стои во пријавата.
Јавноста се уште не знае каков е епилгот на поднесените пријави иако обвинителството ги доби уште пред шест месеци. Додека да дојдат одговорите можеби ќе стасат и нови пријави од лидерот на Левица против собранискиот претседател.