Во трговскиот центар „Бисер“ синоќа требало да се случи тепачка меѓу две групи средношколци но до неа не дошло, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи. Полицијата даде детали за синоќешниот настан кај овој трговски центар кој предизвика вознемирување во јавноста. Повеќе медиуми информираа дека пресметката требало да се случи во ТЦ „Бисер“ во Аеродром каде беа забележани повеќе полициски екипи.
Во соопштението МВР наведува дека имале претходни сознанија дека ќе дојде до пресметка меѓу две групи млади лица.
-По добиени оперативни информации дека на 14.10.2022 околу 21 часот во трговски центар на бул.„Јане Сандански” има поголема група на малолетници со намера физички да се пресметаат, од страна на полициски службеници од СВР Скопје – ЕВР Аеродром преземени се соодветни мерки и активности, но не дошло до нарушување на јавниот ред и мир. Во врска со настанот, со присуство на родители, во Полициската станица Аеродром бил извршен разговор со тројца малолетници, кои појасниле дека во трговскиот центар требало да има физичка пресметка помеѓу две групи. Се работи на расчистување на случајот, велат од МВР.