Многу сомнежи, криминали, неправди… има во Македонија. Голем дел од нив треба да ги разрешуваат и процесуираат обвинителите. Ама еве деновиве испаднаа многу сомнежи, контроверзи, невистини во изјавите, блискост со политичарите… околу изборот на Ислам Абази за нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Едноставно, за многумина, наследникот на Вилма Русковска уште во стартот не остави впечаток дека е човек без партиска хипотека. Се појавија фотографии на кои се гледа дружење со членови на партиското раководство на ДУИ.
Во изјавата по изборот Абази се обиде да ги демантира тврдењата дека ќе работи под влијание на оваа партија и нејзиното раководство.
– Никогаш не сум бил или пак сум член на некоја политичка партија. Ниту пак во моето досегашно работење сум оставил впечаток дека имам одредени релации или позиции со одредена политичка партија. Немам лични контакти со Али Ахмети или некој друг од ДУИ. Не се познавам со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, можеби некогаш и некаде сме се сретнале, но немам лични контакти, изјави Абази.
Но, набрзо во јавноста протекоа фотографии на кои Абази може да се види со Фихри Ахмети, брат на Али Ахмети и Невзат Бејта, експратеник и екс-градоначалник од ДУИ.
Напоредно со ова, спорноста во изборот на Абази се врзува и со фактот што тој се кандидирал при што не понудил конкретна програма за својата идна работа. Наместо тоа, тој, како што самиот изјави, „бил во постојана комуникација со јавните обивнители и им ја изложувал својата визија, програма и проект како ќе бид еи како ќе раководи со обвинителство“. Што се зборувал Абази со обвинителите, дали и какви понуди имало, меѓутоа, останува тајна. Останува тајна и дали и некој друг бил во коминикација со јавните обвинители. Сепак како можело кандидат за така сериознои работно место да нема пишана програма?
Се отвора и прашањето за тоа дали ваквиот начин на избор на шеф на ова Обвинителство, прво по направените законски измени, е најдобар.
Ова го потврди и министерот за правда Никола Тупанчевски кој вчера рече дека за избор на шеф на ОЈО ГОКК остануваат неколку параметри кои се недефинирани до крај.
-За избор ќе мора да се додаде цензусот и тоа дали ќе има потреба да се воведе втор круг на избори, но и дали ќе има некој дополнителен критериум. Да не заборавиме дека во нашата држава главниот проблем не е квалитетниот закон или правната рамка, напротив се судираме со суштинскиот проблем, а тоа е капацитетот на институциите и интегритетот на луѓето кои се дел од тие институции, рече Тупанчески.
За претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, фотографиите со првите луѓе на ДУИ оставаат простор да се верува дека „постоело некакво влијание“.
-Секако дека имаме забелешки за начинот на кој се избираше. Отсекогаш се бараат некакви механизми за подобар избор, еве сега се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат и тоа е во ред. Од друга страна, по мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, изјави Ивановска.
Оттаму и не е за чудо што опозициските партии изборот на Абази го оценија како уште еден партиско-политички договор на власта.
-Па јавна тајна е дека тоа претставува уште еден партиско-политички договор во власта, само исто така јавна тајна е дека таму имало две струи, едните за едниот, другите за друг, па победил овој и така натаму. Продолжува партизацијата затоа следната анкета нема да биде довербата во судството и обвинителството 8 проценти ќе биде еден, два или три проценти. Претпоставувам тоа се овие неколку фамилии кои што се денеска во власта и од ДУИ и од СДСМ, изјави вчера Мицкоски.
Левица, пак, обвини дека слабостите и недореченоста на Законот за јавни обвинители овозможиле за шеф на ОЈО ГОКК да биде избран анонимус за јавноста, но и за стручната фела.
-Вмешаноста на ДУИ во изборот на Абази е провидна поради тоа што во целост отсуствуваат објективните критериуми на компетентност, искуство, програма и цели. Имено, самиот Абази потврди дека немал никаква програма, а за позицијата се „изборил“ по пат на комуникација со неговите колеги, се вели во соопштението од Левица.
Очигледно, изборот на Абази повлече многу сомнежи околу начинот на негово спроведување, а и како ќе ја извршува одговорната функција во иднина. Се наметнува и прашањето, како тоа македонските власти најчесто отпосле увидуваат дека некоја регулатива треба да се доработи, допрецизира… Па нели имаат многу експерти, советници, умни министри кои работите треба да ги видат предвреме? Или чекаат, ако има реакции од јавноста ќе ветуваат дека ќе поправат, ако нема…