Потребен е консензус во земјава околу образованието, потенцира денеска вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Таа учествуваше на денешниот состанок што го организираше заедно со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, а на кој присуствуваше и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан. Грковска потенцира дека едно општество може да оди напред само со квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира кадри кои ќе бидат двигатели на позитивните општествени процеси.
– За жал, сите меѓународни извештаи покажуваат дека имаме проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите. Алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието. Ако веднаш не преземеме конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Веќе немаме право на грешки, немаме право на импровизации, немаме право на партиски поделби, веќе немаме право на наши и ваши реформи. Да ги засукаме ракавите сите заедно, да постигнеме консензус дека образованието и нашите млади ни се најважни и да почнеме да работиме, нагласи вицепремиерката Грковска.
Регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан оцени дека за секое дете да може да учи и да го постигне својот целосен потенцијал, од клучна важност е училиштата да имаат соодветни ресурси, а наставниците да добиваат поддршка приспособена на нивните потреби.
– Владата на Македонија вложи огромни напори да ги зголеми инвестициите и да ја подобри ефикасноста и правичноста во распределбата на трошоците во образованието за секое дете, без оглед кое е и каде живее, да добие квалитетно образование. Неопходно е силно партнерство за да го вратиме учењето на секое дете на вистинскиот пат и затоа УНИЦЕФ продолжува посветено да работи со Владата и со сите партнери за ова да се оствари, рече Кан.
Министерот за образование Шаќири информираше за плановите за реформи во образованието кои треба да овозможат унапредување на квалитетот.
– Владата работи на приближување на јавните расходи за образование, како процент од БДП, до нивоата на развиените земји, со што ќе обезбедат доволно средства за инвестиции во училишните објекти, набавка на современи наставни помагала, инклузивно образование, образование на јазиците на различни етнички заедници и професионален развој на наставниците, рече Шаќири.