Повлечени од процедура се прелдожените измени во Законот за студентски оброк кои предвидуваа значително намалување на бројот на корисници. Пратеничката и потпретседателка на ЛДП Моника Зајкова, која беше меѓу предлагачите на овие измени, денеска на својот профил на Фејсбук објави дека измените се повлекуваат и дек аќе следи усогласување со студентите.
-Законот за студентски оброк кој предизвика оправдани реакции меѓу студентите по однос на критериумите кои се вметнати во истиот се повлекува, заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите. Јавно ги повикувам претставниците на Универзитетските студентски собранија на итна средба во Собранието на Република Северна Македонија во понеделник (14ти ноември) во 16.30 часот, сите заедно со министерот Шаќири да дискутираме по однос на овој дел од законот се со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што впрочем и беше првата намена, наведе Зајкова.
Десет пратенички и еден пратеник неодамна по скратена постапка предложија измени во Законот за субвенциониран студентски оброк, со кои измени на голем број студенти би им се укинал студенсткиот оброк. Пратеничките од СДСМ и ЛДП Жаклина Лазаревска, Моника Зајкова, Санела Шкрељ, Даниела Николова, Љатифе Шиковска, Лидија Тасевска, Емилија Рамбабова, Драгица Ѓавочанова, Даниела Колева и независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ предложија измена на Законот за субвенциониран студентски оброк. Тие предлагаат субвенциониран студентски оброк да не добиваат студентите кои добиваат стипендија и оние чии родител/и имаат месечен приход над 18.000 денари. Предлогот е да им се укине правото на субвенционират студентски оброк и на апсолвентите.
Но, на ова следеа бројни реакции од студентските организации. Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски за Радио МОФ изјави дека со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници.
-Целта на законот е да овозможи здрав оброк за секој студент и тоа е вистинската суштина на законот и ние како таков треба да целиме што е можно повеќе студенти да бидат корисници на ССО, но со новиот предлог се предвидува да се стесни кругот и корисници на ССО да не смеат да бидат корисници на стипендија, апсолвенти и сите оние кои во фамилијата имаат членови кои имаат минимална плата, вели Темелковски.
Тој додава дека надвор од секоја нормала е да се воведе критериум според кој корисници би можеле да бидат само оние кои во фамилијата имаат приливи под минималната плата, односно, социјално загрозени семејства.
-Јас, како претседател на студентите ве уверувам дека ваквиот закон со ваков текст нема да помине, ова мора да има промени и ќе има. Во спротивно, мислам дека гласот на студентите за многу брзо време сите ќе го слушнат, додава тој.
Реакција за промените во Законот испрати и Факултетското студентско собрание при Факултет за медицински науки од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во кое се вели дека студентското претставничко тело не ги поддржува промените.
-Проектот кој го поздравуваме и беше од огромна помош за секој студент од денеска го изгуби сјајот на поддрша и хуманост кон секој студент, а воедно поттикна и огромен револт и разочарување, се вели во реакцијата.