Сите граѓани од денеска во реално време ќе можат да ги проверуваат превозниците во патниот сообраќај дали поседуваат лиценци и сите неправилности да ги пријавуваат до надлежните органи. Ова е овзоможено со новиот јавен сервис http://etransport.mtc.gov.mk, кој денеска го презентираа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров и директорот на Државниот транспортен инспекторат, Гајур Рушити.
Проверката се однесува само за превозниците кои вршат превоз на патници во меѓуопштинскиот и меѓународниот сообраќај. Пребарувањето и контролата може да се изврши преку впишување на името на компанијата или по бројот на регистарски таблички.
-Граѓаните заедно со државните институции ќе можат да бидат рамноправен контролор на терен. Ова го правиме за да го подобриме системот на контрола и да овозможиме подобар, побрз и поефикасен транспорт. Заеднички ја изработивме веб платформата за да го подигнеме нивото на услуги за граѓаните и да се избориме против оние кои се дрзнуваат да фалисфикуваат документите. Превозот мора да биде на виско ниво, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Toој објасни дека постапката за проверка е едноставна и е во само неколку чекори.
-На вашиот пребарувач ја внесувате адресата на платформата, на почетниот екран се појавуваат две опции: едната е да се изврши проверка на превозникот по име на фирма, а втората е да се изврши проверка на превозникот по број на регистарска табличка на возилото. По внесувањето на податокот, се отвора нов прозорец во кој може да се забележат детални информации, рече на презентацијата министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Помеѓу деталните информации што ќе може да ги видат граѓаните се: името, матичниот број и адресата на компанијата; деталите за возилото, како што се година на производство, еколошки стандард и број на седишта; но и листа на изводи со лиценци.
-Доколку се утврди дека компанијата не постои во регистарот на транспорт и врски или не е лиценцирана или доколку има друга неправилност во делот на изводите, секој еден граѓанин може да пријави неправилност на наведените адреси. Се дава можност преку истата апликација со телефонски броеви и имејл адреси до контролните институции во државата. Согласно законските надлежности секоја од наведените институции по пријава може веднаш да постапи по службена должност,рече Бочварски.