По вокација театарски режисер, Тамара Стојановска, смета дека граѓаните слободното време кое го поминуваaт пред телвизиските екрани треба да го наменат на следење и на нови правци во уметноста…
Што им препорачувате на граѓаните да гледаат на телевизиските програми и зошто?
-Не поминувам многу време гледајќи телевизија, но се случува да вклучам телевизор и да начекам културна емисија или постари снимки од некоја театарска претстава, македонски игран филм или некоја од новите серии што моментално сѐ повеќе се снимаат кај нас и да ги гледам. Препорачувам да се следат новите правци во уметноста кај нас за поголем развој, гледаност и секако квалитет.
Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
–Сметам дека треба да се избегнуваат политичките пропаганди и реклами, гледање вести по цел ден, како и сите програми за кои е очигледно дека се направени само за профит и колку да се потполни програмата.
Нашите телевизиски програми се преполни со застарени лесни содржини кои немаат никаков културен придонес и за чудо се уште имаат многу гледаност. Сите тие негативни информации што се гледаат 24/7 секако дека имаат свое негативно влијание врз гледачите.
Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Ми фали емисија во Македонија каде што во центарот на вниманието ќе биде театарот. Емисија која ќе промовира театар, државни и независни продукции, млади театарски уметници и експериментални претстави и ќе известува за нови случувања на полето на театарот. Театарот да се одржува, промовира, развива и поддржува и преку телевизиски медиум и на тој начин да стане достапен за поголем број на луѓе и проширување на театарската публика.
Покрај интернет, Нетфликс и телевизија, театарот треба да го бара својот простор и да се бори за опстанок, а според мене тоа значи да се приспособи на новите изразни средства и начини за маркетинг за да се зачува и продолжи долгата традиција на одење во театар и гледање уметност во живо.
Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Мислам дека Скопје е доволно застапена тема на македонските телевизии, но не можам да го кажам тоа и за другите градови во Македонија, особено на полето на културата.