Горивото е скапо, патарините се изгор во Македонија. Горивото било со висока цена оти така било на светските берзи. Ама што е со паратините, нели се најавуваше дека ќе ги намалат?
Високите цени на патарините на македонските автопатишта никако да доживеат корекција надолу иако за тоа се зборуваше пред повеќе месеци. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера на јавноста и соопшти дека таа тема речиси и да не е актуелна.
-Во овој момент немаме направено дополнителни анализи за тоа во која насока треба да одат цените на патарините. Во регионот во некои држави цените на патарините растат, кај нас остануваат исти, рече тој.
Инаку, министерот пред девет месеци рече дека веќе се подготвуваат и модалитетите на поевтинувањето.
-Се прават модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на државните автопатишта…, рече тогаш Бочварски.
Тогашната изјава дојде откако во јавноста се актуелизираше прашањето на скапите патарини во Македонија, откако се виде дека овие надоместоци се поскапи отколку во другите земји и откако во парламентот „Левица“ поднесе предлог за законски промени со кои тие ќе се намалат за 50 проценти.
Меѓутоа, тогашната најава како да се заборави. Во јуни годинава министерот изјави дека темата за цените на патарините е актуелна.
-Дискусијата околу патарините секогаш е отворена, но на крајот државата ќе ја донесе одлуката, рече тогаш Бочварски.
И еве се чека…
Од друга страна, според последните информации, Јавното претпријатие за државни патишта заклучно со ноември 2022 оствари рекорден промет од над 48 милиони евра, што е за два милиони повеќе од 2021 година.
Зарем и тој факт не е доволен темата за намалувањето на цената на патарините да биде актуелна? Или граѓаните, ете, би требало да бидат среќни што тие немало да поскапат?