На територија на државата новогодишната ноќ помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој изнесе проценка дека во споредба со минатата година, оваа новогодишна ноќ има намалување за 30 проценти на пријавени настани. Најголем број пријавени настани се во Скопје, и во Охрид, останатите сектори на полицијата имаат многу малку пријави, додека пак во СВР Велес немало ниту една пријава.
-Во текот на ноќта, имаме вкупно 10 кривични дела, од кои четири се тешки кражби, една во обид. Имаме две насилства и две за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Потоа, две кражби, од кои една, исто така, е во обид. Имаме регистрирани прекршоци од Законот за јавен ред и мир, вкупно 15. Имаме прекршоци од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, вкупно осум и има 16 сообраќајни несреќи и дополнителни пет други настани кои се пријавени. Ако споредиме со минатата година, тоа е намалување 30 проценти на вкупно пријавени настани, истакна Спасовски кој денеска ја посети Мобилната единица за безбедност на сообраќај на патиштата во Петровец.
Спасовски рече дека оваа мобилна единица во текот на минатата година имала зголемување на вкупниот број на издадени прекршочни платни налози за 4.7 отсто во споредба со 2021 година.
-Во истиот период бележиме зголемување за 48,49 проценти на одземени возачки дозволи за возење под дејство на алкохол. Зголемување за 600 отсто на санкционирани возачи на мотоцикл кои не носат заштитна кацига. За 50,53 отсто бележиме зголемување на санкционирани возачи кои возеле под дејство на алкохол, потенцира Спасовски.
Тој како потсетување рече дека во текот на 2022 година македонската полиција заплени повеќе од 130.000 парчиња пиротехника.