Со „Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“, започнува филмската програма на Кинотека во новата година

Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“ се трите наслови со кои Кинотеката ја започнува филмската програма во 2023 година. Од Кинотека информираат дека „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески имале одличен одѕив кај публиката, па практично на барање на филмофилите овие два наслови одново се на филмската програма на кинотеката.

На новата програма на Кинотеката ќе биде и црната комедија „Од рајот“ на режисерот Срѓан Драгојевиќ.

По овој мини-вовед во кинотечната Нова година, следува Кино утро со филмски наслови наменети за младата публика.

На филмската програма на Кинотеката вечер и утре со почеток во 18 часот ќе биде играниот филм „Снежана на крајот умира“ на режисерот Кристијан Ристески. „Снежана на крајот умира“ е дебитатнски филм на режисерот, а со неговата премиера се затвори годинешново 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Улогите во филмот ги толкуваат актерите Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски, Давид Јанакиев.

Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен arkoman. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи.

Со почеток во 20 часот, вечер и утревечер на програмата на Кинотека ќе биде филмот „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски. Улогите ги толкуваат актерите Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Александар Микиќ, Сара Климоска, Филип Трајковиќ.

Неконвенционална љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, „Кајмак“, седмиот игран филм на Манчевски ја следи ситуацијата во две семејства. Едното се млада и добро ситуирана брачна двојка која се обидува да добие дете, а другото се нивните соседи, кои живеат во куќарка подеднакво шарамантно распадната како и нивниот брак. Првите својот проблем ќе се обидат да го решат со роднина од село која ќе се всели кај нив, а вторите со примање на продавачката на кајмак во нивната заедничка постела. И двете семејства си ја бараат среќата, секое на свој начин. Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода итн., а светската премиера ја имаше на Токискиот филмски фестивал во 2022.

Додека, пак, на 9 јануари со почеток во 17 часот ќе биде прикажан филмот „Од рајот“ на режисерот Срѓан Драгојевиќ. „Од рајот“ премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на повеќе европски и балкански фестивали: Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија итн. Улогите ги толкуваат актерите Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец, Наташа Марковиќ.

После половина век комунизам и атеизам, во ексјугословенското општество се враќа христијанството. Оваа филмска алегорија со елементи на црна комедија е инспирирана од трите приказни на францускиот писател Марсел Аиме. Приказните за влијанието на чудата врз посткомунистичкото општество во транзицискиот период се одвиваат во 1993-та, 2001-ва и 2026-та година.

Појавата на чуда е одговор на колективната свест на промените, кои ја присилуваат целата заедница светот околу себе, превртен наопаку да го гледа во ново светло и чудесна перспектива. Овој филм поставува некои од суштинските прашања на современиот свет – Веруваме ли во Христа или се поклонуваме на Златното теле – идолот кој ги опредметува парите, конзумеризмот и алчноста? Како да го разликуваме Божјиот Дар од Искушението на Ѓаволот? Кога е Божјата милост всушност клетва? ОД РАЈОТ е филм кој поставува бројни прашања, но не нуди едноставни одговори.

Претходна вестРогозин на францускиот амбасадор му испратил дел од гранатата што му била извадена од вратот
Следна вест„Анима Мунди“: Инспекторите на АХВ не реагираат против неодговорните сопственици на кучиња