Од 130-те мерки утврдени во Акцискиот план кои допринесуваат за целите на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, само 52 отсто се спроведени, 34 отсто се делумно спроведени и 14 отсто останаа нереализирани, заклучи Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената проверка на успешност на тема „Ефективност на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 и спроведување на Акцискиот план на Стратегијата“.
Причината за реализирани на само 52 отсто од предвиденото за изминатиот период, ДЗР ја лоцира во повеќе фактори.
-Ваквата состојба се должи на несоодветно дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни мерливи индикатори, нереални рокови, проценети избори на финансиски средства, недоволна координација на институции и надлежни тела носители на мерки и активности, велат од ДЗР.
Воспоставената правна и институционална рамка за остварување на целите од Стратегијата, според Заводот, делумно функционира како што е предвидено.
– Донесени се прописи, документи потребни за спроведување на целите од Стратегијата, воспоставено е тело надлежно за спроведување на целите со јасно утврдени задачи и одговорности, но истото не функционира во период како што е дефинирано и утврдено во документите, прописите, одлуките, протоколите – се вели во извештајот.
Во објавата од ДЗР се издвојува и податок дека за 15 мерки предвидени во Стратегијата и Акцискиот план биле планирани вкупно 366 милиони денари (речиси 6 милиони евра), меѓутоа до 31 декември 2021 година, вкупно се реализирани само 20 отсто односно околу 74 милиони денари (околу 1,2 милиони евра). Како пример зошто толку малку е реализирано, ревизорите наведуваат што кај една најголемите ставки за изградба на нови просторни услови не се искористени дури 40 отсто од парите, како и за тоа што неискористени се 85 отсто од средствата за обезбедување посебен простории за обвинителствата сместени во просториите на судовите.