Однесувањето на ЕУ како фер, пријателско и коректно кон Македонија го сметаат само 17 отсто од испитаниците, а 65 отсто го оценуваат за нефер, надмено и уценувачко, покажува анкетното истражување „Евробарометар 2022″. Анкетата е спроведена од 12 до 27 декември минатата година во телефонска анкета врз репрезентативен примерок од 1.006 испитаници во земјава од страна на „Брима” за потребите на Центарот за европски стратегии „Евротинк”.
Вкупно 61 процент од испитаниците сметаат дека во земјава нема демократија, 72 отсто сметаат дека државата се движи во погрешна насока, а според 71 отсто од нив институциите лошо ја водат борбата против корупцијата. Од анкетираните, 38 отсто сметаат дека во наредните 12 месеци ќе бидат донесени измените на Уставот, а 39 отсто дека тоа нема да се случи. Само 12 отсто од нив сметаат дека во наредните пет години ќе влеземе во Европската унија. Најголема доверба граѓаните имаат во Армијата, за што се изјасниле од 39 отсто од испитаниците, потоа следат религиските институции со 32 отсто и полицијата со 21 отсто. Најмала доверба од само 6 отсто граѓаните имаат во судството, по што следи обвинителството со 7 отсто.
-Во 2022 година имаме рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон Европската Унија и општо кон самиот процес на интеграции во ЕУ има падови или осцилации од околу 20 проценти во однос на претходните години. Во последните две до три години Бугарија се смета за најголем непријател на Македонија и тој тренд континуирано раст. Ако во 2021 година Бугарија била број еден со 23 отсто од граѓаните кои сметале дека е најголем непријател, во 2022 година тој процент е 27,6 отсто. За разлика од нив Србија е традиционално сметана за најголем пријател на државата со 37 проценти, рече извршниот директор на „Евротинк”, Димитар Николовски на денешната средба со новинарите.