Стабилноста на владата на ДУИ и СДСМ станува нестабилна

 

ДУИ помогната од СДСМ многу самоуверено влезе во реконструкцијата на Владата. Во еден момент Артан Груби дури и рече дека сега се најсилни. Премиерот Ковачевски пак најавуваше голема стабилност и неприкосновеност на македонската политичка сцена. Ама…

Дебатата за владината реконструкција денеска ќе навлезе во четвртиот ден без да и се гледа крајот. Што се случува со сигурното зголемување на парламентарното мнозинство?

Коалиција ја напушти пратеникот на Демократски сојуз Павле Трајанов, а Изет Меџити од ДУИ најави дека гласот „за“ нема да го дадат дури осум пратеници од (до)сегашното мнозинство.

Зарем е можно да се случи самоуверените ДУИ и СДСМ да имаат мака да соберат доволно пратеници за да изгласаат реконструкција?

А и ако Ахмети и Ковачевски соберат доволно пратеници, потоа им продолжуваат маките, далеку се од стабилноста која ја најавија. Претседателката на ДОМ Маја Морачанин синоќа рече дека од исполнувањето на нивните партиски услови ќе зависи дали тие и натаму ќе останат во Владата или ќе излезат од неа. ДОМ бара во првите 100 дена да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекнатиот имот, да продолжи собраниската процедура за измени на Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи и 50 отсто жени на листите и да се интензивира користењето на обновливи извори на енергија преку формирање на енергетски задруги…

– Условите што партијата ѝ ги наметна на Владата со стодневен рок за реализација, ќе бидат причина дали партијата ќе остане во позиција или ќе оди во опозиција, потенцира Морачанин.

Ќе го реализира ли ова ДОМ или сега се речовити оти се под притисок дека не прават ништо, а и Павле Трајанов им одржа лекција, останува да видиме. Но веќе сега се гледа дека нема ништо од најавената стабилност на владата на ДУИ и СДСМ, на помалите партии им пораснаа апетитите и потребите, а и не сакаат да молчат како до сега кога беа игнорирани.

Видливо е и тоа дека следните месеци повеќе ќе се зборува и работи за тоа дали оваа влада може да опстане. А нели требаше засилено да се бори со корупцијата, со воверување на реформи, со европскиот пат, со…?

 

Претходна вестБраво: Македонци од Швајцарија ја помогнаа младинската школа на ФК Љуботен
Следна вестГрузиската црква ќе одржува богослужби со МПЦ-ОА без да и ја признае автокефалноста дадена од СПЦ