Училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ со јавна молба: Сторителот кој ја искрши кошаркарската плоча да ја надомести штетата

Скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром реши на оригинален начин да се справи со штетата која му е направена откако е искршена стаклената кошаркарска плоча во дворот. Училиштето преку својата Фејсбук-страница упати апел на сторителот тој самиот да се пријави и да ја надомести штетата.

-Надворешен сторител ја искрши стаклената кошаркарска плоча, на новопоставениот кош на реновираното  игралиште во нашиот училиштен двор. Сторител е  јасно видлив на снимките од училиштниот видео надзор, затоа јавно го замолуваме да ја надомести штетата, во спротивно органите на прогонот по службена должност ќе го најдат. Со ваквите постапки им наштетуваме на нашите деца, внуци, ученици, да не заборавиме сето ова беше направено за нивно подобро утре, вреди да го чуваме, се наведува во обраќањето на школото.

Очигледно, наместо веднаш да поднесе пријава против сторителот, училиштето се решило да му даде уште една шанса. Сега, на потег е тој, дали ќе го прифати ваквиот воспитен пристап или ќе се оглуши на него па ќе има работа со полицијата.

Претходна вестГачевски до навивачите: Играме за Комити, играме за Вардар, вашата поддршка ни е најпотребна
Следна вестЛекција на Јокиќ до Дончиќ: Со ,,трипл-дабл” го водеше Денвер до триумф над Далас