Да се преиспита и стопира одлуката за распишување јавен оглас за вработување на 31 административен работник, побара Синдикатот на Македонска пошта. Тој реагира на објавениот јавен оглас со кој Пошта на РСМ распишува јавен оглас за нови вработувања во администрација објавен во дневните весници. Ставот е дека лошата финансаиска состојба во претпријатието тоа не го дозволува.
-Во овие моменти на сериозна финансиска криза на друштвото, кога вработените во Пошта стравуваат за зачувување на своите работни места и егзистенција на своите семејства, предизвикани од лошата финансиска состојба на Друштвото како последица на намалените приходи и проблемите со кои се соочуваме во организација на работењето, генералниот директор на Пошта на РСМ распишува јавен оглас. Вработените се загрижени за редовна исплата на плата во законски рок во нареден период- месеци, а дополнително загрижува фактот што доцни и исплатата на платата за јануари 2023 година во предвидениот законски рок до 15-ти во месецот. И покрај тоа се распишува оглас за нови вработувања и тоа во админстрација каде што има превработеност а тие работни места може да се пополнат со внатрешно прераспоредување. Сето ова е крајно несериозно и дополнително ја загрозува иднината и егзистенцијата на над 2000 вработени, посочува Синдикатот.
Синдикалците сметаат дека има друго решение наместо ангажирање на нови административци.
-Посочените испразнети работни места за кои е распишан јавен оглас може да се пополнат со внатрешно прераспоредување на постоечките кадри имајќи го во предвид фактот дека во администрацијата на Друштвото има превработеност и ова е добра прилика да се направи внатрешно прераспоредување согласно нивниот работен стаж, образование, искуство и квалификации, се со цел за поголема продуктивност и ефикасност во работењето, наведува Синдикатот и реагира дека раководството не спровело постапка за информирање и консултирање со синдикатите за ова прашање.