Во светот и во Македонија денеска ќе се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Денот е прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година, а наредната 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
– Правото на секоја личност е да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик, се наведува во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност.
По овој повод, на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и оваа година ќе се одржи пригодно чествување. Најавени се поздравни обраќања на министерката за култура, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, директорката на Институтот…
Инаку, состојбата со јазиците во светот е загрижувачка. На половината од околу шест илјади јазици што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во околу 200 земји се зборува за мали јазици кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани. Во последните три века изумираат или драматично се намалува бројот на јазици.
Голема загриженост постои и околу македонскиот јазик. Тој не е пред исчезнување туку е под удар на странски сили. Македонскиот јазик е мајчин јазик за неколкумилионско македонско население, како во Македонија така и во соседството и ширум светот. Чувството на загрозеност на македонскиот јазик доаѓа посебно по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Оттогаш, не само што во странство македонскиот јазик почна да се означува како „северномакедонски“ туку почнаа и условувањата дека мора да се признае дека тој има „бугарски корени“.
Остри реакции во македонската јавност лани предизвика и Унилатералната изјава за македонскиот јазик, која македонската Влада ја поднесе до ЕУ и во која беше наведено дека литературниот македонски јазик се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Македонија. Бројни експерти и институции веднаш реагираа со тврдењето дека со тоа Владата се откажува од дијалектите на македонскиот јазик коишто се зборат меѓу македонското население во Грција, Бугарија и Албанија…
Предупредувањата за загрозеноста на македонскиот јазик доаѓаат и по основ на недоволноста грижа на државата за него, намалувањето на бројот на населението коешто го зборува, намалувањето на бројот на лекторатите во странство, на бројот на студенти коишто го изучуваат, се поголемо влијание и внесување на туѓи зборови во него, неправилно изговарање…
Сето ова повлекува прашањето: со какво чувство Македонија го празнува Денот на мајчиниот јазик: со чувство на вистинско празнување на македонскиот јазик на кој се настанати вредни и значајни дела и кој е еден од најголемите столбови на македонскиот идентитет или пак, со чуство на стравување од тоа дека му се заканува исчезнување и определување дека е дијалект на друг јазик?