Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Уште еднаш ќе кажам дека инсистирањето на „уставни измени“ во сегашните прилики е лоша намера со уште полоши последици по државотворноста и идентитетот на македонскиот народ! И сите оние што без совест, интегритет и чест ја пропагираат оваа политичка ароганција, нека замолчат. Но, во едно сум согласна со северната политичка и бизнис врхушка, дека историјата е работа на историчарите. Е, тоа е европска определба на која треба и тие да се држат! Затоа ќе се задржам на една историска тема, што неделава најверојатно ќе добие на актуелност – трети март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот прелиминарен договор (1878), кој Бугарија го слави како национален празник со решение на Народното собрание од март 1990 г. При тоа, зачудува фактот што ЕУ и НАТО, пред планираниот прием на Бугарија, а и потоа, се согласиле со провокативниот анахронизам што го имплицира датумот!
За врема на позната „Источна криза“ (1875–1878) покрај востанијата на балканските народи избила и последната руско-турска војна (1877/8). Царска Русија по победата ѝ ги издиктирала на османлиите одредбите од прелиминарниот мировен договор, обидувајќи се да наметне промени во своја полза за превласт на Балканот. Мировниот договор од Сан Стефано е потпишан од страна на руски и османлиски претставници. При тоа, руската политика и дипломатија ги исфорсирале границите на „Бугарија“ зафаќајќи делови од Србија (Моравско), цела Македонија и делови од Албанија (Старова и Корча). На тој начин Царска Русија намерно создала голема бугарска држава со над 5 милиони жители и со над 190.000 км2 територија, зафаќајќи го целиот средишен дел на Балканот и што во тие услови би претставувало несразмерно голема балканска држава. Или како што романскиот крал своевремено забележал, дека со „договорот од Сан Стефано се создава поголема Бугарија отколку што постоела во средниот век“. Во врска со ова, Русија ја пренебрегнала Цариградската конференција 1877/8 г. (ѝ претходела на војната) на која јасно биле маркирани интересните зони, а бугарскиот атрибут немал ниту географско, ниту политичко, ниту народносно значење, туку имало чисто „техничко“ значење (вели италијанскиот гроф Конти). Интересно е што така проектираната „Голема Бугарија“ немала државотворен капацитет, имајќи го предвид фактот дека Бугарите, одвај ослободени, неспособни самостојно да се борат, заостанати особено во државна и политичка смисла, тешко би можеле да одиграат улога на фактор на привлекување и на интеграција на големот број народи и територии. Било јасно дека таквата држава не би можела да опстане без помош на Русија. Особено била силна британската и австро-унгарската реакција и нивната закана со војна.
Со свикувањето на Берлинскиот конгрес војната е избегната. На конгресот темата „Бугарија“ е на дневен ред цела недела при што било договорено да се формира Кнежевство Бугарија, опфаќајќи го само северниот дел на земјата „Мизија и Софискиот санџак“, а под суверенитет на Султанот. Јужно од Стара планина, била автономната област Источна Румелија која останала под османлиска власт, со административна автономија и христијански гувернер. Со тоа мировниот договор од Сан Стефано е анулиран – што била и целта на Берлинскиот конгрес.
Но, „санстефанскиот“ мит останал да врши притисок врз умовите и психологијата на бугарскиот народ и на целокупната општественост – световна и духовна, дури и денес. Дотолку повеќе што 3 март како национален празник се одбележува и како ден на „бугарското ослободување и обединување“.
И уште еден куриозитет, кога станува збор за митовите! Австроунгарскиот министер за надворешни работи, грофот Андраши како контра-став на грофот Игнатиев од време на Руско-турската војна по објавата на проект условите за мировен договор со османлиската држава, особено по Одринското примирје од јануари 1878 г., истакнал дека Вардарската долина повеќе им припаѓала на Албанците, бидејќи тие биле дел од владеачкиот (османлиско-муслимански) систем, независно од нивната бројност и од нивниот географски распоред. Оттука, може да се разбере дека токму Германија и Австро-Унгарија, ги поставиле елементите на еден вид албански „санстефански“ мит одржан до денес и изразен во синтагмата за „Голема Албанија“ („Чеверија, Шкиприја, Косова, Македонија“), мит кој исто предизвикува емоции на инаку прилично „доцна возбудената државносна психологија на албанските маси на Балканот“.
Овие два мита кои искажуваат очигледна политика на ревизионизам се актуелни и денес, особено кон македонскиот народ и држава. Се чини дека ја имаат поддршката на ЕУ и НАТО! Затоа е потребно да се знае историјата – особено да ја знаат политичарите, за да нејзините поуки не ни се вратат, нам – Македонците, како трагедија на историскиот и именскиот идентитет, како и на државниот, општествениот и надворешно-политичкиот живот.