Цената на лебот замрзната на 33 денари, Владата ја укина и повластената цена на струја за компаниите

Одлука да се замрзне цената на лебот на 33 денари но и да се укине субвенционираната цена на струја за производителите на прехрамбените производи донесе Владата на денешната седница. Замрзнатата цена се однесува на белиот и полубелиот леб – таа ќе изнесува 33 денари за леб со тежина од 450 грама или повеќе. За оние со помала тежина, пак, 33 денари е горната граница за цената

На прес-конференцијата премиерот Димитар Ковачевски рече дека иако добивале струја по цена од 80 евра за мегават-час кога таа на пазарот изнесуваше 400 евра, производителите не ги намалија цените на основните прехрамбени производи.

-Целта ни беше да влијаеме на намалување на цените на основните прехранбени производи. Јас нема да дозволам неоправдано покачување на цените. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат бидејќи помошта од државата беше навремена и реална. По извршените проверки од ДПИ, иако производителите на основните прехранбени производи добиваа субвенционирана струја, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на некои од производителите, додека дел ги намалија од 7 до 12 отсто, рече Ковачевски.

Според него, отсега производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со електрична енергија.

Тој објасни дека се замрзнува цената на белиот и полубелиот леб, сечен на парчиња или цел, на 33 денари, односно цена од 33 денари по леб со тежина од 450 грама и повеќе, а за леб со тежина под 450 грама се утврдува цена во висина до 33 денари по леб која ќе биде во сооднос со тежината на лебот.

Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник, по што ќе стапат на сила.

Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика производителите да ги прифатат ваквите одлуки и да не се создава хистерија. Тој рече доколку пекарниците престанат со производство на леб, Владата смета дека има законски одредби со кои може да се санкционираат. Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека тогаш ќе постапат другите институции, како што е Пазарниот инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

-Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во согласност со нашите податоци, во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производа, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат во согласност со Законот за трговијата и Законот за заштита на потрошувачите има одредби што треба да ги утврдат од надзорите што би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби, рече Бектеши.

Претходна вестПрилепчанец се шетал со граната на битолската улица Широк Сокак
Следна вестПриказната за „Иванов“ од Чехов, наскоро на штиците на МНТ