Ракометарите на Вардар 1961 доживеаја непријатен пораз (28:22) од Партизан во четвртото коло од групната фаза во СЕХА лигата. На дуелот во Белград, избраниците на Владо Недановски се претставија далеку под своите можности и на крајот заслужено потпишаа капитулација.
Партизан на почетокот поведе со 6:2, продолжи да игра добро во континуитет и имаше предност од 12:8, но Вардар конечно малку се подразбуди во завршницата од првиот дел и на полувреме замина со еден гол негатива (15:14).
Кога сите очекуваа „црвено-црните“ да заиграат според своето реноме во второто полувреме, сепак, сосема спротивна слика. Партизан продолжи да игра мотивирано, а кај вардарци освен Филип Талески немаше друг расположен поединец.
Партизан направи серија со која на крајот стигна до убедлив триумф од 28:22.
Филип Талески со девет гола беше најефикасен кај македонскиот шампион, додека кај Партизан се истакнаа Никола Зечевиќ и Стефан Петриќ со по осум погодоци.