Мразот на Антарктикот е на рекордно ниско ниво

Националниот центар за снег и мраз (NSIDC) на Универзитетот во Колорадо Болдер објави дека морскиот мраз на Антарктикот паднал на 1,79 милиони квадратни километри на 21 февруари.

Тоа е за 136.000 квадратни километри помалку од претходниот негативен рекорд поставен во 2022 година. Научниците од NSIDC нагласија дека објавената бројка не е конечна бидејќи сè уште е можно дополнително топење на мразот во доцната сезона. Тие рекоа дека ќе ја објават конечната бројка за големината на мразот на почетокот на март.

Топењето на морскиот мраз ги изложува на бранови и повисоки температури подебелите ледени облоги што го потпираат дното на Антарктикот. Топењето на морскиот мраз нема видлив ефект врз нивото на морето бидејќи мразот е веќе во водата на океаните.

Морскиот мраз ги опкружува огромните ледени плочи на Антарктикот, проширувања на слатководни глечери кои се закануваат со катастрофално покачување на нивото на морето во текот на вековите, доколку продолжат да се топат со зголемувањето на глобалните температури.

-Одговорот на Антарктикот на климатските промени е различен од оној на Арктикот, рече Тед Скамбос, виш научен соработник во Институтот за истражување на животната средина CIRES. Трендот на намалување на морскиот мраз може да биде сигнал дека глобалното затоплување конечно влијае на лебдечкиот мраз околу Антарктикот, но ќе бидат потребни уште неколку години за да се знае со сигурност, рече Скамбос.

Циклусот на Антарктикот поминува низ значителни годишни варијации – топење во лето и замрзнување во зима. Во последните четири децении, континентот не го доживеал брзото топење што ги погоди ледените плочи на Гренланд и Арктикот поради глобалното затоплување.

Но, темпото на топење од 2016 година предизвикува загриженост дека би можел да преовладува значителен надолен тренд. Топењето на морскиот мраз е проблем бидејќи помага да се забрза глобалното затоплување. Кога белиот морски мраз, кој рефлектира до 90 проценти од сончевата енергија назад во вселената, ќе се замени со темно море без мраз, водата наместо тоа апсорбира сличен процент од сончевата топлина.

На глобално ниво, минатата година беше петта или шеста најтопла досега и покрај ефектот на ладење на природниот временски феномен Ла Ниња.

Претходна вестРК Вардар убедливо поразен од Партизан во СЕХА лигата
Следна вестПронајдена почината жена на aвтобуска станица во Скопје