Да се стави во мирување новиот Закон за патен сообраќај, побараа денеска претставници на околу 300 скопски таксисти кои не може да работат поради проблемите со жолтите регистерски таблички. Таксистите тврдат дека не можат да добијат лиценца за работа без жолти таблички, но и дека без лиценца не можат да ги добијат таквите таблички.
– Имаме проблем со издавање на жолтите таблички со тоа што голем дел од колегите седат по неколку месеци дома и не можат да добијат жолти таблички. Проблемот е што кога ќе го сменат нивното возило, одат во станица за технички преглед, таму не им даваат жолти таблички, викаат треба да имаат мал извод од лиценца, а за да го добијат тоа се препраќаат во Градско собрание, додека таму им викаат дека треба да добијат жолти таблички. Значи се препраќаат од една страна на друга, а проблемот не се решава, изјави Ѓорги Мариновски, пренесувајќи го ставот на 19 такси компании.
Тој вели дека околу 200 такси возила моментно се паркирани дома и не можат да работат поради тоа што не можат добијат лиценца, а во меѓувреме плаќаат придонеси за фирмата. Ако не може да се реши проблемот, како што рече, бараат новиот Закон за патен сообраќај да се стави во мирување и додека се промени таксистите да можат да добијат лиценца на белите таблички, па после тоа да се сменат и да извадат лиценца за жолти таблички.
– Законот е донесен во Министерство за економија и тие треба да го разгледаат но како што разбравме треба најмалку три месеци тој закон да се смени. Затоа ги замолуваме институциите тој проблем да го стават во мирување, луѓето да можат да извадат лиценци на бели таблици, па кога ќе се усогласи законот ќе ги префрлат на жолти таблици за да можат луѓето да се вратат на работа, затоа што тие веќе неколку месеци седат дома. Мислам дека тоа е најдобро решение, рече Мариновски.