Сведочење на вештак: Електричната инсталација во модуларната болница во Тетово не била изведена согласно прописите

Целокупната постапка за изведување на електричната инсталација во модуларната болница во Тетово од почеток до крај не е изведена согласно прописите и правилниците за ваков тип на градба, сведочеше денеска вештакот Ирфан Шаќири на продолжението на судскиот процес за пожарот од пред две години. Според неговиот наод, целата постапка била реализирана со недостаток на голем број документи потребни за ваков тип на градба.

-Самиот чин на приклучување на објектот во мрежата на операторот е изведена од двајца вработени во Клиничката болница без изготвување документ, неопходен за ваков тип и без надзор од овластени електроинженери. Објектот проектиран од БРАКО е монтиран, според нив, како што се барало од Министерство за здравство, според нивната изјава, нивна должност била само да го изготват и монтираат на дадената локација. Од нивна страна во однос на електричната инсталација нема елаборат, бидејќи според нив, никој не им барал. Ми беше приложена шема за електрични уреди во објектот, меѓутоа таа била за нивни интерни потреби, не беше валиден документ, овластен од комората, изјави Шаќири кој е овластен судски вештак по електротехника.

Денес беа презентирани и писмените докази на одбраната, односно договори со компанија задолжена за набавка и одржување на ПП апарати, правилници и одлуки за заштита од пожари, планови за функционирање и сл, потоа извадоци од весници и прилози, кои покажуваат дека обвинитиот доктор не бил раководител, како и барање до Министерство за одбрана за испраќање помош во справување со големиот број пациенти

И денеска пред да започне рочиштето, група граѓани се собраа пред зградата на судот за поддршка на обвинетиот д-р Бобан Вучевски за кого сметаат дека како лекар не треба да биде да има обвинение во овој судски процес.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.

Претходна вестМазнева: Градските советници ќе бидат одговорни за нарушената хигиена во Скопје
Следна вестПроблемите со жолтите таблички принудно паркираа 300 скопски таксисти