Припадници на МВР ги советувале директорите на скопските училишта да ги игнорираат дојавите за поставени бомби и да не отвораат електронска пошта, изјави денеска Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. При денешната посета на општина Гази Баба. Според него, со ваквиот пристап МВР се „однесува аматерски“.
Сознанијата на Мицкоски доаѓаат откако премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најавија дека „по нови насоки ќе се обезбедува безбедноста во училиштата врзано со се позачестените одјави за поставени бомби“.
-Добив уште една уште пошокантна информација, не знам колку е точна, треба да се провери, со неколку директори во училиштата во Скопје и во основните и во средните, дека биле посетувани, повторно поставувам како дилема, од припадници на Министерството за внатрешни работи и советувани да ги игнорираат дојавите што стигнуваат на службените емаил адреси, како тоа да не се случува. Дури и некои биле советувани и воопшто да не ја отвораат електронската пошта, рече лидерот на најголемата опозициска партија.
Тој го прозна шефот на државата Стево Пендаровски да не молчи кога треба да е најгласен.
-Наместо сега кога сме цел на хибриден напад да го свика Советот за безбедност. Тој молчи, тактизира, не добива насока од неговиот стопан, ќе го слушните тука таму со по некоја егзибионистичка изјава. МВР ако ова е точно, аматерски се однесува, односно наместо да спречи и да превенира, дополнително ја загрозува безбедноста на учениците, нагласи Мицкоски.