Климатските промени го топат поларниот мраз, го подигаат нивото на морето и ги менуваат временските шеми, носејќи сè побрутални бури во областите претходно недопрени од такви природни катастрофи. Градовите долж брегот изложени на поплави поради монсуните и обилните дождови – тонат. Научниците предвидуваат дека делови од овие девет градови ќе бидат под вода до 2030 година.
Мајами, САД
Нивото на морето во Мајами се зголемува со алармантна брзина, не само што се заканува да ја оштети градската инфраструктура, туку и предизвикува поплави кои ја загадуваат водата за пиење, дополнително загрозувајќи го населението. Покрај итниот одговор за запирање на климатските промени, Мајами ќе мора да преземе поконкретни чекори за да се спаси од „тонење“: ќе мора да ја зајакне својата основа и да подигне одредени структури над нивото на водата, пишува b92.
Банкок, Тајланд
Бангкок е изграден на многу мека глинена почва која е подложна на поплави. Истражувањата покажаа дека оваа позната туристичка точка секоја година тоне околу два до три сантиметри – побрзо од другите слични градови на брегот. Според една студија од 2020 година, Бангкок е првиот во низата градови кои ќе ги почувствуваат главните последици од глобалното затоплување. Експертите предвидуваат дека Бангкок ќе падне во спирала со мали изгледи за закрепнување.
Амстердам, Холандија
Холандските експерти за спречување поплави развија напреден систем на насипи, брани и други бариери кои ја држат водата подалеку од инфраструктурата и населението. И покрај тоа, тие се принудени внимателно да ги следат и да ги надградуваат системите за да спречат катастрофални последици. Многумина тврдат дека опасноста е неизбежна поради континуираното тонење на земјата како резултат на климатските промени.
Басра, Ирак
Басра е главниот пристанишен град во Ирак, сместен покрај силната и широка река Шат ал-Араб, која се влева во Персискиот Залив. Научниците предвидуваат дека овој осиромашен арапски град би можел делумно или целосно да биде потопен во следните десет години.
Џорџтаун, Гвајана
Кога станува збор за области кои наскоро би можеле да потонат поради ефектите од глобалното затоплување, Карибите се на врвот на листата. Најмногу се зборува за главниот град на Гвајана, кој се наоѓа на спојот на реката Демерара во Атлантскиот Океан. Со векови Џорџтаун се бранеше од бури и други временски непогоди со огромен ѕид долг 450 километри. Состојбата е таква што државата мора значително да го зајакне тој ѕид за да ги заштити централните области на градот од поголеми штети.
Хо Ши Мин, Виетнам
Поплави и тропски бури го загрозуваат делот на Хо Ши Мин од делтата Меконг, а научниците предвидуваат дека источните делови околу реката наскоро ќе бидат непогодни за живеење. Посебно се загрозени мочуриштата на Ту Тием, а експертите посочуваат дека тие би можеле да завршат под вода и пред 2030 година.
Калкута, Индија
На главниот град на индиската држава му се заканува природна катастрофа. Калкута би можела делумно да биде потопена до 2030 година поради силните поплави. За жал, ова е многу сиромашен дел од светот кој нема соодветна финансиска иницијатива да го зачува традиционалниот начин на живот на овие простори.
Њу Орлеанс, САД
Њу Орлеанс, со својата богата историја и разновидна култура, тоне со една од најбрзите стапки во светот. Студијата на НАСА од 2016 година покажа дека целиот град може да биде потопен до крајот на овој век. Во 18 век, Њу Орлеанс бил целосно под нивото на морето, сто години подоцна пет проценти биле потопени, додека денес тој број пораснал на 50 проценти. За неповолната состојба придонесува географската положба, но и човечката активност, вклучително и дупчење нафта и природен гас.
Венеција, Италија
Прекрасната Венеција тоне околу два милиметри секоја година и се соочува со големи поплави кои му штетат на градот и неговите жители. Дури 90 отсто од овој италијански град бил потопен во 2019 година, а штетната ситуација дополнително ја влошила ерозијата на крајбрежјето и испумпувањето на подземните води. Иако градот презеде неколку важни чекори – вклучително и проект за подигање на брана за контрола на поплави наречена Мозе, ефектите од климатските промени во зголемувањето на нивото на морето бараат постојано следење и уште повеќе заштитни мерки.